Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Нацијата без предрасуди е безвредна. Таква, впрочем, не постои. Силата на една нација е во предрасудите. Таа мора постепено да се ослободува од нив, инаку ќе се урне. Готова нација е онаа која повеќе нема предрасуди што би ги ликвидирала.
Има ли место за нас во оваа сјорановска дефиниција?
Ние готова нација не сме. Тоа е сигурно. Посигурно е дека сме пред уривање затоа што одбиваме да се ослободиме од сите предрасуди?
Да, да…!
Но, што ако самата нација која осумдесет години беше во обид, се има претворено во предрасуда?
Дали, ако ја отфрлиме предрасудата, ќе ја урнеме и нацијата?
Хахаха!
Да речеме, вмро, таа фатална предрасуда која по упорната опсада на Нордот, ја презеде нацијата како што луѓето преземаат домашни миленичиња од одгледувачниците?
Еве два односно три свежи примера околу предрасудата која е блиску до тоа да не урне.
Ако ние не се ослободиме од неа:
Во Тирана е отворена канцеларија на здружението ВМРО-ДПМНЕ-Албанија.
Во присуство на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, кој во едноличните, односно диригирани, соопштенија, во медиумите беше претставен и како претседател на Владата.
ОК.
Во своето обраќање тој рекол дека му е „драго што на сите ни е јасен тој наш вековен автентичен македонски корен и наш вековен македонски идентитет“.
Мене таквите патоси не ми се драги од која и уста да ги чујам, затоа што тоа со вековните корени и посебно со вековната борба за слобода, што премиерот завчера пропушти да ја спомене, е тралалајка и будалаштина, пропаганден вениш со кој се пере мозокот на Македонецот до мерка што со обичен стетоскоп може да се утврди дека идентитетот не само што не е вековен туку престанува да биде и современ.
Значи, важна работа, но да го оставиме тоа за детална разработка во друга прилика и да преминеме на другите поенти од неговото обраќање.
Тој ја нагласил можноста Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, и посочи дека таа можност ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија.
В ред, таква функција може да има и задграничниот комитет на вмро-дпмне, макар за некои Македонци, но вакво обраќање и тон, сепак, одат со некоја државна испостава во Албанија каква што беше Македонскиот културен центар. Освен тоа, се поставува прашањето каков идентитет, култура, и традиција Македонците ќе чуваат во канцеларијата на вмро-дпмне. И зошто воопшто би биле заинтересири во една партиска испостава да ги негуваат предрасудите од кои треба да се ослободуваат.
Конечно, каква е ова нова терминологија. Досега зборувавме за Пиринскиот дел на Македонија кој е во Бугарија. Никој никогаш не рекол Пиринскиот дел на Бугарија. Дали тоа значи дека вмро се откажува од предрасудата за целокупна етничка Македонија. Јас го поздравувам овој исчекор на премиерот. Сеедно што тој исчекор сугерира, или мене така ми се чини, дека сѐ друго околу националното прашање во неговите проекции, е спротивно на декларациите.
Второ: „Македонската држава ќе биде столб на Македонците во светот каде и да се, држава којашто е нивна татковина, држава којашто со отворени раце ги чека да дојдат дома и да бидат заедно со Македонците во Македонија“.
Па, сега, како да кажам, прво викам “уф, јеботе, баш би сакал да сум во Мелбурн и да имам еден ваков столб“, но од друга страна, тоа со „столбот“ и ваквите претензии ми личи на нешто за што лидерските медиумски џукели очигледно сѐ уште немаат пас да го прогласат за „македонски свет“. Но, содржината и интонацијата се тоа.
Исто како да го слушам Вулин за „српскиот свет“.
Не беше кажано, но некако се подразбираше дека претседателката на Северна Македонија и премиерот ќе бидат претседателка и премиер на сите Македонци „каде и да се“.
Чувствувам како Македонците од Њу Џерси и Нов Јужен Велс умраат од радост. Дури и некои Абориџини и Индијанци пројавиле интерес да влезат во „македонскиот свет“.
Македонија ќе се грчи во бегството од Европскага унија и од светот воопшто, но нејзиниот лидер во тоа грчење сака да испорача големина и вертикала во форма на „македонски свет“.
Како вморонска и своја формација.
Хахаха, убаво, познато е дека и Господ кога го создавал светот морал да се згрчи.
Така, државата се преточува во бурето на вмро-дпмне.
Тоа е.
Државата полека исчезнува во партијата со четирите свети букви.
Ете што ти е вековна борба и вековен идентитет.
Порано сум укажувал на тие опасности и се борев против тие опции, но сега повеќе – не.
Се исцрпуваме во верувања. Така малку време му посветуваме на сомнежот. Преминуваме од едно уверување во друго, од едно убедување во друго, а сомневањата се сведуваат на кратки интервали меѓу две согласности. Вистина, тоа и не се сомнежи, туку паузи, моменти на одмор што следат после уморот од верата, од секоја вера.
Монструозно е сѐ што е единствено и поттикнува на воодушевување, тоа е мешавина од фасцинација и страв.
Тоа е вмро и односот со Македонија како национална реализација која никогаш не би се случила да ги следела принципите на манекените од вмро.
Паникар рекол дека Индија ги преживеала Монголите, муслиманите, па и Англичаните, пред сѐ благодарејќи и на својот систем на касти. Полесно е да се уништи воедначено општество отколку она што е хиерархизирано.
Ние не сме хиерархизирани туку сме вмровизирани.
Тоа значи дека практично сме уништени.
Извадени сме од стварноста и преместени во маглата на предрасудите на неверојатните самопретстави.
Кои се неодржливи.
Знам дека ќе се разбудиме измочани.
Сите ние сме победени. Полесно е да се живее со таа девиза отколку со лажни потврди за победа.
Што ги шири Мицкоски.
Велат дека Цезар ги понижил републиканците така што кон нив се однесувал без осветољубивост. Не влевал доволно страв. Го убиле не затоа што бил тиранин, туку затоа што се плашеле дека тоа нема да стане.
Така беше убиен Заев.
Дали ќе биде убиен и Христијан – не се знае.
Му фали ново правосудство, особено обвинителство, за да стане тиранин.
Засега е само на обиди за инсталација на свои сатрапи во обвинителството. Со тие обиди успеа да го компромитира процесот за пожарот во шупата „Пулс“. Тоа е практично и самокопромитација, но каква ќе биде перцепцијата на јавноста која стана отпорна на сите аргументи и разумности, останува да се види.







