– Политичките промени на Западен Балкан започнаа во Северна Македонија во 2017 година. Успехот на македонскиот премиер Зоран Заев (СДСМ) и неговата влада е доказ дека промените се можни, се вели во анализата од ИФИМЕС – Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии од Љубљана.
Аналитичарите сметаат дека доаѓањето на новата американска администрација на претседателот Џо Бајден е клучен момент за политички промени на Западен Балкан.
Во најновата анализа на ИФИМЕС со наслов: Надворешната политика на новата американска администрација спрема Европа, Блискиот исток и Западен Балкан, во делот за Западен Балкан, стои дека иако некои земји во регионот се претставуваат како американски сојузници, тие дури и купуваат американско оружје и ловци Ф-16, како на пример Бугарија, сепак, реалноста е поинаква. Во анализата се нагласува дека Бугарија продолжува да работи тесно со Русија, но и со меѓународните криминални организации.
„Бугарија е типичен пример за земја, која е членка на ЕУ и НАТО и која не би исполнувала ниту половина од условите за членство во ЕУ и не ги наследува високите демократски стандарди, кои се обврзувачки за членките на НАТО. Бугарија се врти во магичен круг на „политика-криминал-мафија“, а загрижува фактот што бугарската влада на Бојко Борисов е под контрола на мафијата, како што изјави бугарскиот претседател Румен Радев. Прашањето е, дали мафијата учествува во донесување одлуки или блокади на ниво на ЕУ?“, се вели во анализата.
Од ИФЕМЕС нагласуваат дека Франција и нејзиниот претседател Емануел Макрон веќе го забавија напредокот на Западен Балкан за една година, бидејќи го блокираа почетокот на преговорите на ЕУ со Северна Македонија и Албанија во октомври 2019 година, барајќи усвојување на нова методологија во процесот на пристапување за земјите кандидати. Тие нагласуваат дека новата методологија на ЕУ не претставува никаква нова додадена вредност, но ваквите опструкции за членство во ЕУ ги охрабрија оние сили на Западен Балкан кои имаат намера да ја променат геополитичката ориентација на земјите од Западен Балкан, односно да ги дистанцираат своите земји од Запад.
„Блокадата на Бугарија за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ покажува дека ЕУ нема контрола врз интеграцијата и процесите во ЕУ. Загрижувачки е што Германија и канцеларката Ангела Меркел, која во моментов е претседател на ЕУ, немаа влијание и сила да ја елиминираат блокадата на Бугарија. На ЕУ и требаат темелни реформи и правен поредок, што ќе ги елиминира сите оние кои сакаат да го запрат неопходниот развој и напредок на ЕУ со опструкција и блокада“, истакнуваат аналитичарите.
Во анализата се потенцира важноста државите да имаат закони во нивниот правен поредок кои забрануваат негирање на геноцид и холокауст, бидејќи тоа би бил вистинскиот цивилизациски начин за справување со минатото.
„ЕУ мора да биде поодлучна за брза интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, во спротивно тоа ќе го сторат некои други, со разлчни сфери на интерес, а потоа Западен Балкан ќе биде изгубен од ЕУ засекогаш.“, истакнуваат од ИФИМЕС
Ј. Ѓорѓиоски