Една од главните стратешки цели на новоформираниот Стартап Совет на ФИТР ќе биде креирање на долгорочна стратегија за привлекување на дигитални номади во Северна Македонија. Како што најави директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Коста Петров, во наредните три месеци интензивно ќе се работи на создавање европски услови и стандарди во оваа област.
„Создаваме услови со кои земјава ќе стане атрактивна дестинација за дигитални номади. Ќе бидеме една од ретките земји која на претприемачи од странство ќе им понуди можност да се преселат и да работат од овде. Овие луѓе ќе донесат позитивен ефект за локалната економија и отворени шанси за соработка и вмрежување со македонските стартапи“, посочи Петров.
Во ерата на дигиталната економија која овозможува поголема слобода во начинот на работење, работните часови и локација, сé повеќе развиени земји го стимулираат дигиталното номадство. Ковид кризата придонесе и за поголема стапка на вработени од далечина (remote workers).
Во моментов некои од најатрактивните локации за дигитални номади се Естонија, Тајланд Кипар, Норвешка, Португалија, Британија. Естонскиот парламент во јуни годинава усвои измени и надополнувања на тековните закони за создавање дигитална номадска виза што ќе им овозможи на луѓето да доаѓаат во Естонија како туристи и истовремено да продолжат да работат за странски работодавец или како хонорарци независно од локацијата.