ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ

Образовна реформа „од заседа“?

December 22, 2020 09:39
in ДЕНЕС, ФРОНТ
Share on FacebookShare on Twitter

пишува: САШО ОРДАНОСКИ / ЦИВИЛ МЕДИА

Начинот на кој Министерството за образование и наука се впушти во реформа на наставните програми за основното и средното школство во Македонија се чини како школски пример за тоа како НЕ ТРЕБА да се изведуваат овој вид на реформски зафати: прво да ги објавите суштинските решенија („новата концепција“, „интегрираните наставни програми“ и сл.) во реформите, а потоа да организирате консултативни средби со засегнатите страни (синдикати, професионални здруженија, невладини организации, надворешни експерти и тн.).

Затоа, нормално е што Министерството, предводено од Мила Царовска, како и самиот премиер Заев, се соочуваат со лавина реакции, делумно инспирирани од опозицијата (зошто да не, тоа им е работа), но во добар дел и од самите образовни и ним блиски структури кои треба да бидат предмет на важен дел од реформите. Во амбиент на нецелосни информации и нејасни правци на замислената реформа, без навремен брифинг за медиумите, се лиферуваа лажни вести во вообичаената фејсбук-хистерија, па наместо реформата да започне и да се спроведува со општествен ентузијазам, сега Владата е во фаза на кризно менаџирање на проектот, справувајќи се со деманти на дезинформациите и критиките во јавноста кои се закануваат да ја „потопат“ целата (неопходна) реформска замисла и проектот да го прогласат за „мртвороден“ уште пред и првпат да „заплаче“ на породувањето.

Откако им се побунија географите, историчарите, македонистите, музичарите и кој уште не, не би било за чудење ако и некое риболовно друштво деновиве излезе со соопштение во кое ќе ги отфрли предложените реформи, иако никој точно не знае какви се тие. Во тоа е и суштината на проблемот.

Реформата на образованието е секогаш, по дефиниција, „угорнина“ која тешко се искачува. Тоа е онаа општествена сфера во државата од која целата нација е засегната, сите се жалат на сè, секој има свој концепт за тоа што и како би требало да се менува, а најголем дел од вмешаните воопшто и не би биле несреќни ако ништо не се промени, барем додека тие не отидат во пензија. А, сите релевантни податоци и анализи за Северна Македонија покажуваат, со децении наназад, дека што и да се допре во таа сфера – од платите на вработените, до квалитетот на образовниот резултат – податоците се неповолни во различен степен на катастрофичност.

Не е ли таквата ситуација причина за ургентност, а не за недогледни „консултативни“ одлагања на реформите? Кога тоа Македонија ќе постигне консензус за реформа на образованието? Или на правосудството? Или на здравството? Или на…

Побрзо никогаш, одошто некогаш. Нашиот образовен систем, во принцип, особено во делот на општествените науки, е и политички најконзервативниот слој во општеството. Кога таму ќе се спомнат реформи, многумина се фаќаат за пиштолот на појасот.

Сепак, во ситуација кога со две соседни држави разговараме за промени во содржината на тоа што се предава во училиштата во областа на историјата и кога идентитетското либидо на Македонците, целосно незакрепнато од комплексноста на Преспанскиот договор, сега е под жестоки негаторски напади од Бугарија, со низа политички контроверзи што ја допираат европската иднина на државата, нормално е кога магловито и несмасно ќе најавите намера за „интегрирање“ на предмети и наставни содржини, да се соочите со фрустрациите во јавноста на која ѝ е преку глава од уште една серија оксфордски, кембрички и фински реформски модели за кои не знае дали треба повеќе да се секира за штетите или за користа од нивната примена.

Сето тоа е мултиплицирано и со последиците од корона-кризата, кога нервите на сите се истенчени, а можноста за продуктивна информативна кампања е сведена на совладување на фрустрациите од онлајн комуникациите и виртуелните блебетања по социјалните мрежи.

Можеби Мила Царовска се надеваше дека реформата во нејзиниот сектор треба да се направи „од заседа“. Обидот пропадна. Она што следува е нова рововска битка за редефинирање на македонското образование, а на тоа долгогодишно бојно поле не паметиме министер кој преживеал.

 


Сите права се задржани. Тесктот е личен став на Авторот.

Next Post

Во ковид центрите во Скопје за 24 часа се хоспитализирани 36 пациенти, дома се пуштени 40 оздравени

Shortcut

Најново

Лајкови: Груевски со повеќе од седум пати повеќе реакции од Мицкоски за честитката за независност

September 8, 2026

Првите сто години се најтешки, за потоа – ќе видиме

September 8, 2026

Смртоносни руски напади во Краматорск и Запорижја

September 7, 2026
Фото: Скриншот

СДСМ бара истрага за Јанушев за низа скандали, ВМРО-ДПМНЕ возвраќа дека институциите конечно функционираат

September 7, 2026

Што стои зад истовремениот прекин на водечките платформи за вештачка интелигенција на 3 септември

September 6, 2026

НАЈЧИТАНО

  • Бранко Тричковски (фото: Чедо Поповски)

    Глигоров и Филипче од Македонија

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Андонов со провокативни „викенд прашања“ до Мисајловски

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Државно организиран секс – кој ќе ја плати сметката?

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Смртоносни руски напади во Краматорск и Запорижја

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Што стои зад истовремениот прекин на водечките платформи за вештачка интелигенција на 3 септември

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk