пишува: ПЕРО АРСОВСКИ
Секој ден, со саати ги гледам оние сироти водители на контактните емисии каде едни те исти гледачи се јавуваат на зададена тема, со ограничено време, како ги молат оние што успеале да добијат врска, да се држат до темата и да не се караат и навредуваат меѓу себе.
Неверојатно е колку е ниско нивото на овие „Хајд Парк“ дебати. Исти луѓе, исти зборови, исти теми (без оглед на зададената).
Под итно треба да се „забранат“ (не велам буквално, туку како уредувачки концепти) контактните ТВ емисии за евтино пополнување на програмата со глупости. Овие медиумски содржини само шират омраза. Се јавуваат едни исти луѓе, да си лечат комплекси или да исполнат некаква партиска задача.
Не гледам ама баш никаква смисла, ни полза од нив. Овие емисии се и психотерапија, но дива, нестручна, полна со глупости и омраза, а главна цел им е евтина програма и забава.
Телевизиската понуда никогаш не била така проста, евтина и на толку ниско ниво – без исклучок.
Ништо подобри не се ни некои дебатни емисии замислени како спротивставени мислења, а во кои гостуваат едни те исти викачи кои зборуваат во исто време за да не му дозволат на противникот да биде слушнат. Не знам зошто се насловени спротивно од тоа што се: “Само вистина” на пр.
Сите се исти, постојат само нијанси (освен одвратната Алфа тв, тие се ненадминливи).
Чашуле е врв на омраза со се оние “полноќни” за да не заспиеш, (Милосавлевиќ и Момировски).
Не е тоа слобода на печат, мислење или дебата, туку најниско сеење на омраза кон спротивната политичка опција со сите орудија, без усул и достоинство. Помислува ли некој од тие газди и уредници на отровот што го фрлаат меѓу народот само за да добијат некоја пофалби или цркавица од нарачателот.
Не сум за цензура, нити некогаш ќе бидам, но за здравјето на народот силно ќе се борам. Не е здраво да водиш, да се јавуваш, а богами и да ги слушаш овие контактни „дебати“. А немаш ни голема можност за избор: речиси сите канали ги практикуваат.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.