пишува: Росица Колева
Во интернационалното училиште во кое работам во Германија природните науки се интегрирани во еден предмет од прво до 10-то одделение (втора година средно).
Во текот на годината, наставниците обработуваат теми од биологија, хемија и физика распоредени низ наставни единици.
Освен што учениците треба да покажат концептуално разбирање и содржинско знаење во секоја од овие единици (преку тестови), од мала возраст учат и како да изработуваат научни извештаи, како да поставуваат хипотези, што се варијабли итн. Се стимулираат и да истражуваат за практичната примена на знаењата во секојдневието и да размислуваат за валидноста на ресурсите кои ги користат.
Ова се критериуми кои ја составуваат целокупната оценка, а преку нивно исполнување покажуваат дека се способни за трансферирање на вештини низ различни дисциплини.
Штом ова го имаат совладано, воопшто не им е проблем последните две години да преминат на хемија, биологија и физика, да добијат одлични оцени и да се запишат на некои од најдобрите универзитети во светот. Имајќи го ова предвид, наставниците имаат поголема слобода, но и мамутска задача во однос на планирање на часовите, развивање на содржините и наоѓање ресурси – тука навистина треба да добијат доволно време, поддршка и насоки.
Сепак, откако ќе се навикнат на ваквиот начин на работа, ниту еден од нив не сака да се врати на прескриптивен начин на предавање, по учебник. Дополнително, активната улога во планирањето и градењето на курикулумот им овозможува на наставниците од корен да ги диференцираат содржините, овозможувајќи пристап и учество на сите ученици, вклучувајќи ги и тие со попреченост, во наставата.
Доколку наставниците во Македонија ги применуваат гореспоменатите методи во своите предмети, јас сум сигурна дека реформите ќе се спроведат полесно одколку што стравуваме. Ако не, ќе се почне постепено и чекор по чекор заеднички ќе учиме и градиме. За реформи треба време, но мора од некаде да се почне
Објавата е преземена со дозвола од авторката. Текстот е личен став.