„Од јавните настапи на Мицкоски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ сосема е јасно дека со нив имаме сосема спротивставени ставови за одговорите на прашањата, кои, како што и самите велите, се од суштинско значење и највисок државен интерес.
Сетете се, тој велеше дека ќе го поништува и Договорот со Грција, па после се премисли, ќе го преговарал од ново, немало да го поништува, за во една прилика да каже дека Договорот бил реалност. Исто и за Договорот со Бугарија, во една прилика го „поткрепи”, а еве сега слушаме зборува за некакво поништување. Така од прилика звучат политичари кои немаат став и кои со своето неодговорно однесување им носат опасност на својата земја и својот народ.
Тврдењето на Мицкоски дека е потребен нов Договор со соседна Бугарија е сосема спротивен на нашите државни позиции и на директна штета на државните интереси. Имаме добар Договор со Република Бугарија и не е потребен нов договор, не е потребен анекс, туку доследно почитување на договореното. Разговараме со бугарската страна за дополнителни објаснувања во форма на декларација и акциски план со временски рамки за исполнување на одделни делови од договорот.
Ставот на Мицкоски, во време кога се прават исклучителни напори од нас и нашите партнери во ЕУ за да се најде взаемно прифатливо решение што ќе овозможи започнување на преговори со ЕУ, Мицкоски, всушност вели дека не треба да има решение и сака да го врати времето назад.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, наместо конструктивен придонес, во врска со овие прашања само шират лаги. Хистерично тврдеа дека јас, како претседател на Владата ќе сум одел во Софија за време на еден од викендите во декември за да сум ја распарчувал земјата. Ниту бев тогаш во Софија, ниту некогаш би отишол со таа цел, ниту Северна Македонија е распарчена. Распарчени и разобличени се нивните лаги. За македонскиот идентитет не се разговара и не се преговара. Ние сме Македонци, говориме македонски јазик. Како Македонци влеговме во НАТО, како Македонци ќе влеземе во ЕУ! Македонската иднина е европска.
Горат од желба Северна Македонија да не успее, ама тоа задоволство нема да го доживеат. Посветени сме да најдеме взаемно прифатливо решение преку дијалог со Софија или да разјасниме одредени дилеми ако има потреба за тоа. Посветени сме на развојот на добрососедските односи, како европски држави, за заедничка иднина во ЕУ“ одговори Заев на прашање во интервју за Миа, во однос на барањата на Мицковски да ги напушти преговорите со Бугарија.