пишува: МАРИЈА МИТКОСКА
Убав сончев ден на Охридската ривиера… Пиеш кафе во угостителските објекти на кејот кои пленат со нивниот луксуз и убавина ама некако ти бодат очи, само, ,,високите цени” на услугите, но не забележуваш, зaшто сепак пиеш кафе во Охрид, пиеш кафе со прекрасен поглед и уживаш, бидејќи само тоа ти е важно.
Доаѓа насмеано лице да те послужи, со сета сила што ја собрало да стане од кревет и да се појави на работа по вчерашниот напорен ден, некогаш и во две смени. Си се запршал ли што се крие позади тоа навидум одморено лице под маската?
Се крие тортура на еден Охридски „газда”, редок ендемичен вид во Балканот, ако не и пошироко. Неговите карактеристики се стриктно предаторски, манипулаторски, но многу е вешт во мимикријата на неговите вистински бои. Некои од нив се мафијаши на батерии, или од Али Експрес, како сакате, некои од нив навистина се задоволителни и голема чест за нивниот исклучок, но она што е заедничко кај повеќето од нив е тоа што заборавиле на работниците, есенцијалното нешто за еден бизнис!
Позади луксузот и убавината, на така портретираниот Охрид во јавноста и општеството, стојат многу работи кои што за очи што гледаат, и уши што слушаат и тоа како треба да го сменат општо прифатеното мислење.
Да се навратам на ,,газдиве”. Единствената, секогаш функционална и константна гранка на егзистенција на многу семејства и семејни бизниси е туризмот во Охрид, и затоа, тоа им дава право на работодавачите да манипулираат со нивните работници на едни од најлошите начини. Верувам дека скоро секој работник во угостителската бранша воопшто во Македонија може да се поистовети со лошите услови понудени од неговиот работодавец, ама овие охридскиве ми се некако најлоши.
Од ветената плата од просечно 18.000 денари што се прикажува на интервјуто за работа, едвај 14.000 се префрлаат под образложение „Треба да работите подобро“, но тоа не им е проблем зашто секогаш знаат дека еден работник може лесно да биде заменет со друг доколку не ги почитува нивните заповеди. Институциите некако се глуви и неми во Охрид околу правата на работниците, зошто ,,газдите,” сепак, и директорите се добри пријатели и некоја неправда лесно може да се заборави со еден обичен ручек или користење на хотелски капацитет со некоја од нивните девојки од страна…
Додека газдите носат облека, и аксесоари кои чинат колку една плата од работник, работниците на работа јадат оброци кои воопшто не се ни слика ни прилика на луксузот и длабокиот џеб со кој располагаат работодавачите, а некаде и воопшто не јадат. Пауза скоро и да немаат зошто, нели, има многу работа и згора над сè, мора некаде да се справуваат со управувачката ,,хиерархија”, на оние кои се под ,,газдите”, или во превод, често тоа се девојки омилени кај газдите поради нивната убавина. Или, како што би рекле тие, поради способноста за работа и супериорноста над хигиеничарките, келнерите и сите останати работници.
Често, сликата за статусот на охридските угостителски работници, си ја споредувам со онаа на работниците од некои дистописко тоталитарни романи што сум ги прочитала. И најдобра паралела можам да направам со стиховите од Рацин, „стани си утре порано, дојди си вечер подоцна, наутро радост понеси, навечер тага донеси“.
Но сепак, тоа насмеано лице ќе те послужи, ќе ти ја намести постелнината после бурната ноќ и ти ќе му забележиш зошто чашата не е добро измиена или постелнината била малку истуткана. Несомнено, навечер или попладне, кога си заминуваат од работа, освен заморот, со себе понесуваат тага и разочараност поради експлоатацијата на нивниот труд и незадоволството што го добиваат од ,,газдите”, но единственото нешто што ги мотивира е скапаната плата од надежните 18.000, што мислат дека ќе им следуваат онаму некаде после 10-ти во месецот, и К-15 кој често им е и одземен од газдите или, ако не им го одземат, даден во некои 15%.
Затоа, дури го пиеш твоето кафе наутро, или ќе бидеш гостин во некоја од собите, размисли за тоа колкавав бакшиш треба да оставиш, со надеж дека и тој нема да им биде одземен на работниците.
Текстот е личен став на авторот. Сите права се задржани.