Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска се сретна со амбасадорот на Република Австрија во земјава Георг Вуцас.
Џафери, како што соопшти собраниската прес-служба, изразил задоволство што во австрискиот Парламент неодамна е формирана Група за пријателство со Собранието и што претседателката на групата Стефани Криспер, во допис до претседателот на групата од наша страна, пратеникот Арбер Адеми, иницира интензивирање на соработката во насока на поддршка на нашите аспирации за започнување на преговорите за членство во Европската унија.
-Тој истакна дека, во Република Северна Македонија високо се цени фактот што Австрија отворено се залага за процесот на проширување на ЕУ и дава силна поддршка на спроведувањето на реформите, пред сè во поглед на стабилноста и владеењето на правото. Џафери изрази надеж дека на австриската поддршка ќе можеме да сметаме и во наредниот период, се вели во соопштението.
Амбасадорот Вуцас, нагласил дека со жалење ја примиле веста за неодржувањето на првата меѓувладина конференција за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија и ја повторил позицијата на Австрија дека државите од Западен Балкан и историски и географски припаѓаат на Европа и оти без членство на овие држави, ЕУ не е целосна. За Република Северна Македонија рекол дека претставува светол пример за тоа како со добра волја се надминуваат разликите и се постигнува целта.
Двајцата соговорници изразиле посветеност за продолжување на соработката и во однос на формирањето на Работилница за демократија во Собранието на Република Северна Македонија по урнекот на онаа која делува во рамките на австрискиот Парламент.