Вкупно 56,1 проценти „воопшто“ или „до некаде“ не се согласуваат со изјавата дека „реформите можат да се спроведат без надворешен притисок“, за разлика од нив, 42,1 проценти „целосно“ или „до некаде“ се согласуваат дека „властите имаат капацитет за спроведување реформи“, покажува истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка и телевизија Телма.
Истражувањето, кое МЦМС и Телма го посветија на капацитетите на властите за спроведување на реформи без притисок на ЕУ, како и ставовите на граѓаните за иднината на ЕУ, беше претставено денеска на онлајн-конференцијата „Улогата на медиумите и граѓанските организации во процесот на ЕУ интеграции“.
Според истражувањето, ставовите на граѓаните за иднината на ЕУ се песимистички. Имено, 30,2 проценти сметаат дека ЕУ веројатно ќе ги надмине сегашните проблеми, но сѐ повеќе ќе се затвора и сѐ потешко ќе прима нови членки. Вкупно 29,5 проценти сметаат дека во иднина, ЕУ ќе се среќава со сѐ поголеми проблеми и поверојатно е дека целосно ќе се затвори, дури и распадне, отколку дека и натаму ќе се проширува и зајакнува.
Конференцијата започна со обраќањата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и Амбасадорот на ЕУ во земјава Дејвид Гир.
– Минатото на ЕУ е минато на реформи, колку повеќе напредуваме во реформите толку поблиску ќе биде државата кон Европската Унија, посочи Гир.
Тој истакна дека за да биде успешен овој национален процес мора да се вклучат не само владата, туку и локалните власти, државните институции, медиумите, бизнисот и граѓанското општество.
Гонце Јаковлеска од Македонскиот центар за меѓународна соработка, на конференцијата ги сподели активностите кои што биле спроведени во рамките на проектот „Еврофокус“, со што нагласи дека главната цел била вклучување и поактивно учество на медиумите и граѓанските организации во однос на ЕУ интеграциите.
– Споделивме големи количини на информации, кои им овозможија на граѓаните да создадат појасна слика што е процесот за интеграции што беше и главната идеја, не само кон граѓанските организации и медиуми, туку и граѓаните воопшто. На институциите, преку истражувањата им овозможивме да добијат увид на перцепциите на граѓаните во однос на ЕУ интеграциите, образложи таа.
Јаковлеска дополни дека со проектот исполниле повеќе од 43 часа информации упатени до гледачите, кои биле дискутирани и дебатирани, во вкупно 37, односно 38 емисии на телевизија Телма, изработиле 12 фактографии, обучиле 30 претставници од граѓанските организации и спровеле четири истражувања.
Амбасадорката на Шведска во земјава Кристин Форсгрен Бенгтсон, на настанот истакна дека за здрава демократија е неопходно силно граѓанско општество како и независни, слободни и стручни медиуми и нагласи дека сите заедно имаме многу важна улога во овозможувањето на факторгафски информации, анализи и објективно известување.
– Ние сме тука, не само Шведската амбасада, туку и е ЕУ, да бидеме ваши партнери и да ви помогнеме на вашиот пат за заедничка европска иднина, истакна шведската амбасадорка.
Таа образложи дека овој процес се работи за поттикнување на јавни дебати со политичарите и претставниците на јавноста, се работи за свеста кон пристапување на ЕУ и за отвореноста на тоа да бидеме чувари за сето она што се случува.
Учесник на настанот беше и новинарот Боби Христовски, кој ги сподели искуствата на телевизија Телма и нагласи дека овој начин на соработка е совршен рецепт на синергија помеѓу граѓанскиот сектор и медиумите и дека на тој начин се одржува заедничкото влијание врз јавното мнение.
На конференцијата учесниците дискутираа за тоа какви се изгледите медиумите и граѓанските организации да го интензивираат притисокот врз институциите за спроведување на квалитетни и навремени реформи во сите области и се дојде до заклучоците дека Северна Македонија мора сама да се европеизира, а од ЕУ се очекува да најде достоинственоо решение на предизвикот со кој се соочивме – блокадата.







