Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес во ВМРО-ДПМНЕ обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство од делегатите и го закажа 17. вонреден Конгрес на партијата на 28 март во Скопје, се тврди во соопштение на иницијаторите, пренесе Слободен печат.
Делегатите кои пристапиле велат дека лидерот Христијан Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување меѓународна поддршка.
„Делегатите сметаат дека е недозволиво претседателот на кој што му ја дале довербата, да не свика конгрес и да не се обиде да им објасни кои се причините за последователните изборни порази и катастрофалниот рејтинг. Затоа иницијативниот одбор одлучи, со поддршка на мнозинството членови да свика седница на Конгресот надвор од редовниот термин“, соопшти Иницијативниот одбор, кој бара отчет за сработеното од актуелниот претседател и гласање доверба.
Во наредните денови Одборот ќе ги формира телата за спроведување на Конгресот, ќе го промовира слоганот и ќе дистрибуира покани и материјали за делегатите. Иницијативниот одбор ги повикува сите заинтересирани кандидати за Претседател на ВМРО-ДПМНЕ да достават апликации заедно со план за нивно делување.
Оттаму додаваат дека, ако Мицкоски ѝ мисли добро на Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш ќе се повлече од функцијата и ќе го поддржи одржувањето на вонредниот 17. Конгрес.
Извор: Слободен печат