Финансиката полиција влегува во Министерството за култура не само да открие дали проектите од национален интерес лани биле законски делени, туку ќе ја проверува и целокупната работа на Министерството.
Под лупа ќе бидат сите можни финансиски транскации од тековното работење што се исплаќале во последните пет години. Директорот Арафат Муареми, за ТВ 24 вели дека истрагата е проширена поради одредени сомневања.
„Од Министерството за култура сме известени за некои индиции, кои тие ги утврдиле. Тој извештај од наша страна веќе се проверува, даден е на работа во едното одделение што е специјализирано токму за таквите неправилности. И со министерката ќе се договорат да се почне и за другите компоненти кои што се во надлежност на Министерството и да се проверат дали имаат одредени неправилности или не во текот на работењето во изминатите пет години.“ – вели Арафат Муареми, директор на Финансиката полиција.
Поранешниот министер за култура Хисни Исмаили вели дека е достапен во секое време да одговара на прашањата. Тврди дека нема злоупотреби. Горд е на промените што ги направил, зашто вели, сите негови претходници во Министерството проблемите ги ставале под тепих.
„Десет потписи има на еден договор. Не знам како може да има проневера. Од Комисијата сите се професионалци, има луѓе и од внатре и од надвор. Потоа второ, буџетот на Министерството не е надминат. Ние имаме пренесување на средства. Тоа секогаш се прави. Кога не се трошат парите во одредени ставки, средствата се пренесуваат на друга ставка. Тоа е сè законски.“ – изјави Хисни Исмаили, поранешен министер за култура.
Уметниците кои останаа без пари, иако ги сработиле проектите, телефонски бараат информации од Министерството за култура кога ќе си ги добијат парите. Апелираат институциите побрзо да ја завршат работата.
„Би сакала да ја поздравам ваквата акција на Министерството. Редно е да се направи ревизија, а би апелирала исто така и за евалуација квалитативна на проектите. За нас како организација ова не е добро зашто чекаме, а чекаат и нашите партнери од секаде и локално, да се исплатат парите за веќе завршени проекти. Така што би сакала да апелирам за побрза информација и поефективно работење, одмрзнување на овие исплати затоа што спречува во континуирана и квалитетна работа на организациите, а и на поединците.“ – вели Биљана Тануровска-Ќулавковски, директор на „Локомотива“.
Министерството за култура раскина авторски договори вредни повеќе од еден милион евра. Биле склучувани анекси на договори за зголемување на сумите и биле прифаќани обжалени проекти. Поради ваквите наоди, под мраз се ставени сите исплати на проекти од национален интерес.