Итна операционализација на мерката бесплатни ПЦР тестови за странските државјани кои ќе докажат туристички или деловен престој во земјава со хотелска сметка или ваучер издаден од туристичка агенција, бара Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.
Оваа мерка, потсетува Здружението, е дел од петтиот антикризен пакет што го усвои Владата и е донесена на барање на бизнис секторот.
-Владата го препозна значењето и потребата од ваков тип поддршка. Но, она што сакаме да укажеме е дека е потребна итна операционализација за мерката да има позитивен ефект, рече денеска на прес-конференција заменик-претседателот на Здружението, Александар Кузмановски.
Здружението има и конкретен предлог како да се спроведе ваквата поддршка./МИА/