По новинарско прашање околу тоа дали смета дека екс директорот на УБК, Сашо Мијалков би можел да избега од куќен притвор, обвинителката Вилма Рускоска денеска пред медиумите истакна дека да сакал да избега, ќе избегал досега.
„Не мислам зошто ако мислеше да избега, ќе избегаше досега“, вели Рускоска.
Се радувам што обвинетиот Сашо Мијалков самиот се пријави, истакна денеска на прес-конференција обвинителката Вилма Рускоска.
Појасни дека Мијалков преку посредници побарал да се пријавил токму во Обвинителството за организиран криминал и корупција.
-Откако е дојден беше обезбедуван од истражителите кои што се во Обвинителството за организиран криминал и корупција, рече Рускоска.
Во однос на повлекувањето на жалбата за затворски, наместо куќен притвор Рускоска рече дека тоа е сторено за да не се губи време.
-Колку што имам сознанија разговарале на таа тема со Јавниот обвинител, Љубомир Јовески. Истиот се согласил. Од тие причини е повлечена жалбата, рече Рускоска, додавајќи дека сепак ќе се размислува дали да се побара затворски притвор.
-Олеснителна околност е што самиот се пријави, рече Рускоска.
Во однос на приказната на Мијалков дека бил болен и дури изутринава дознал оти се трага по него рече не знаела дали Мијалков делувал болен или не.