Првиот случај на коронавирус во нашата земја беше потврден на 26 февруари 2020 година или пред една година. Првата македонска државјанка која беше потврден случај е родена 1970 година и според податоците на здравствените власти, се вратила заразена со вирусот од Италија- тогашниот епицентар на коронавирус во Европа.
Таа во меѓувреме се излечи и беше отпуштена од болница, но остана генералниот став дека првичните кластери на болеста во земјава се формираа од повратници од странство.
„Стигнаа резултатите за пациентката којашто денеска во раните утрински часови беше хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести. Пациентката е позитивна за вирусот Ковид-19, што значи дека таа е првиот пациент во Скопје дијагностициран за заболена со овој причинител, изјави министерот Венко Филипче на 26 февруари 2020 на прес конференција.
Прв смртен случај од Ковид-19 во Северна Македонија
Министерот за здравство Филипче, на 22 март 2020 година соопшти дека е потврден првиот смртен случај како последица на коронавирусот.
„За жал, го имаме и првиот смртен случај од коронавирусот кој посмртно во Куманово беше дијагностициран доцна синоќа. Се работи за жена којашто имала 57 години. И двата теста иницијално покажале негативен резултат, но и покрај негативните резултати поради тоа што болеста била типична за коронавирусот таа била третирана во изолација. Тој период на хоспитализација траел изминатата недела во Општата болница во Куманово, а брис е повторно земен по констатација на смртта вчеравечер и тој бил позитивен“, информираше Филипче.
Актуелен биланс: Над 100.000 заразени за една година, повеќе од 3.000 смртни случаи
Министерството за здравство во текот на вчерашниот ден, информираше дека согласно податоците од Институтот за јавно здравје во последните 24 часа се направени 3.342 тестирања, а регистрирани се 725 нови случаи на ковид-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 100.632, бројката на оздравени пациенти е 90.311, на починати е 3.098, а бројот на активни случаи изнесува 7.223.
Заклучно со изминатите 24 часа, направени се вкупно 509.720 тестирања на ковид-19.
И. Т. З.