Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска одржа вонреден работен состанок со сите шефови на дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП), со цел подготовка за спроведување на активностите во нивните надлежности поврзани со претстојниот попис, на кој присуствуваа и директорот и заменик директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симевски и Иљми Селами, соопшти МНР.
Во соопштението се посочува дека Османи информирал за законските надлежности на Министерството за надворешни работи, посочувајќи на активната улога во спроведување на пописот на лицата упатени на служба во ДКП-та, како и обврската на дипломатската мрежа за поддршка на Заводот за статистика за информирање во врска со процесот на дијаспората.
– Од 1 март започнува оваа важна статистичка операција, токму со вас како дипломати и за вашите семејства. Дополнително, истата процедура ќе треба да се примени и за лицата кои престојуваат во странство по која било основа. Во следните 50 дена ова треба да претставува врвен приоритет на работата на дипломатската мрежа, со цел да им обезбедиме соодветни услови на пописните органи да ја завршат оваа обврска, истакна Османи.
Тој изрази жалење што донесувањето на Законот доцнеше од, како што рече, неоправдани причини, поради што институции мораа со забрзано темпо да се подготвуваат за квалитетно да ги пресретнат обврските.
– Но, барам од вас, и очекувам, преку вонреден капацитет од страна на дипломатската мрежа, да ги надминеме овие предизвици и да им обезбедиме поддршка на пописните органи, посочи Османи./МИА/