„Го ослободивме патот по кој денес дојде правдата. Граѓаните, државата, институциите и системот – тоа сме ние. Сите ние, секој од нас денес може да има повеќе мир за себе, во себе. Бидејќи, кога има правда има и мир!“, објави премиерот Заев на Фејсбук по изречувањето на пресудите за предметот „Таргет-Тврдина“.
Заев нагласува дека правосудниот систем e независна власт и како што вели, денес гледаме дека ги има сите околности да спроведува истрага без влијанија и да организира обвинителска и судска постапка во која важат само доказите и одредбите за фер и правично судење, за секој без исклучок.
„Тоа е начинот на кој треба да бидат спроведени и довршени сите предмети за организиран криминал и против Уставот и достоинството на граѓаните. Времето на неказнивост и на привилегии на криминалните актери го оставаме во историјата.“, порача премиерот Заев во објавата.
Денеска Основниот кривичен суд Скопје во случајот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК денеска изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица.
Поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, е осуден на казна затвор од 12 години. Поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски е осуден на казна затвор од 15 години. На вработениот во УБК Никола Бошкоски му е изречена казна затвор од 15 години. Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е осудена на казна затвор од 4 години.
Ј. Ѓ.