Сајбер безбедноста е составен дел од секој столб на дигиталната агенда, а ние како земја, сме подготвени да се посветиме на имплементација на секој аспект на сајбер безбедноста: правна, техничка, организациска, градење на капацитети и соработка, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, кој се обрати на панел дискусија во рамките на регионалната онлајн конференција „Сајбер отпорност и изградба на капацитети за сајбер безбедност на Западен Балкан“.
Во своето излагање, министерот Шаќири потенцираше дека воспоставувањето на заеднички стандарди за развој на сајбер безбедноста е нагласено како еден од стратешките приоритети на владата за 2021 година и се опфатени во Националната стратегија за сајбер безбедност 2018-2022. Воедно, Нацрт-законот за безбедност на мрежните и информациските системи ја транспонира Директивата за НИС на Европската унија и кога ќе биде усвоен, ќе биде највисоката легислатива за сајбер безбедност во земјата, потенцираше Шаќири.







