Враќањето на авансот за кинеските вакцини повторно се актуелизираше откако италијанскиот весник „Ла верита“ објави дека Македонија користела фирма-фантом со седиште во Хонг Конг за набавка на вакцините, а која била спомената во две писма од министерот за здравство Венко Филипче до „Синофарм’“, по што според весникот, официјален Пекинг се посомневал дека можеби се наоѓаат пред обид за измама.
Премиерот Зоран Заев негираше било какво незаконско дејствување во обидот на Владата да набави кинески вакцини, но сепак призна дека се правеле нарачки и преку приватни фирми затоа што Владата се обидувала на секој начин да најде побрзо вакцини за граѓаните.
– Ние директно преку „Синофарм“ не можевме да добиеме контакт и дадовме нарачки преку приватни компании кои што Министерството за надворешни работи не ги потврди и затоа и авансот беше повлечен. Да, сме правеле нарачки, ни помогна „Пауер Чајна“ која е мајка на фирмата која ги гради патиштата во Македонија. „Пауер Чајна“ e еден од кандидатите за Чебрен, голема компанија, државна сопственост на Кина и од таму се обидувавме покрај амбасадата, се обидувавме преку контактите што ги имаме овде – рече Заев.
Пишувањата на „Ла верита“ ги демантира и министерот за здравство Венко Филипче. Тој за Канал 5 потврди дека се обиделе набавката да оди преку приватни фирми, но на крај се покажало дека тоа не е правилниот пат, по што крајната одлука била да се оди преку кинеската амбасада и кинеското МНР.
„Ла Верита“ важи за контроверзен весник близок до есктремно десничарските партии. Во весникот, кој меѓудругото, ги објави снимките и од разговор меѓу Орце Камчев и Боки 13 за случајот „Рекет“, во континуитет се објавуваат информации со кои се атакува на сите што размислуваат поинаку од Салвини, Орбан, Јанша, и од останатите претставници на радикалната десница.
Извор: Канал 5