Драги Рашковски, поранешен генерален секретар на Владата, а сега секретар во кабинетот на премиерот, правните дилеми околу набавката на софтвери ја остава на институциите, додека за политичките аспекти ја кани ВМРО-ДПМНЕ преку поранешниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев на дуел.
Во изјава за Канал 5 ТВ, тој не дава прецизен одговор дали ќе го прекине одморот.
„Правните дилеми треба да оставиме да ги решаваат оние кои за тоа се задолжени: полиција, обвинителство, суд. Политичката дебата ако може и да се нарече дебата која се отвори може да се разјасни преку политички дуели. Ќе заврши мојот ако после сè може да се нарече одмор, па нека повели ВМРО-ДПМНЕ преку оној кој ме повика, поранешниот министер Наќе Чулев, да дојде и да дебатираме. Не само за ова. За сè што до сега ме обвинуваа“, вели Рашковски за Канал 5 ТВ.
Вчера Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека отворило предистрага по допрен глас за набавката на софтверот и дека се издадени повеќе наредби за прибирање на потребната документација. Рашковски, пак, како и денеска, така и вчера, порача дека единствен исправен начин за дознавање на вистината е преку институциите.