Претседателката на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска почнала да собира податоци за софтверот за сообраќајни прекршоци што го набавил поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.
„Потпишав повеќе наредби за да се собере документацијата, и од Владата и од други институции. Вчера беше оформен предметот. Рано е да се каже дали и кое кривично дело е во прашање. Не е проблем што Рашковски не е тука, ние имаме други тековни активности кои мора да ги завршиме, рано е за распити“, изјавила Русковска.
Во рок од две недели од секретаријатот, каде што претходно работеше Рашковски ќе треба да ги достават побараните документи. Истражителите собираат податоци и за Инвока груп- фирмата која го изработила софтверот. Тоа што Рашковски во моментов е во Мексико, не е проблем за предистрагата во кој се утврдува дали имало кривично дело поврзано со тендерот.
Во изјава за Канал 5 ТВ, тој вели: „Правните дилеми треба да оставиме да ги решаваат оние кои за тоа се задолжени: полиција, обвинителство, суд. Политичката дебата ако може и да се нарече дебата која се отвори може да се разјасни преку политички дуели. Ќе заврши мојот ако после сè може да се нарече одмор, па нека повели ВМРО-ДПМНЕ преку оној кој ме повика, поранешниот министер Наќе Чулев, да дојде и да дебатираме. Не само за ова. За сè што до сега ме обвинуваа“.