Првата пратка со 24.000 вакцини „АстраЗенека“ за државава преку Ковакс механизмот пристигна изутринава пред осум часот на Меѓународниот аеродром Скопје. Се очекува в среда да почне масовната имунизација на населението во државава. Како што изјави министерот за здравство Венко Филипче, со овие вакцини први ќе се вакцинираат 20.000 лица над 75 години со хронични болести.
Како што не се израдува за приемот, така не честиташе за една година членство во НАТО, Мицкоски е на спротивната страна од државните интереси. Мицкоски немаше сила ниту да аплаудира во Собранието кога беше ратификуван влезот во НАТО, немаше сила ниту вчера да ја честита првата годишнина од членството, велат од СДСМ.
По повод првата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО вечер ќе биде отворен НАТО Паркот пред Министерството за одбрана во Скопје, како знак на успешната мисија на Канцеларијата за врски на НАТО во земјава. Настанот, во организација на Министерството за одбрана и Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, ќе биде проследен со изложба на фотографии, преку која ќе биде прикажано основањето и работата на Канцеларијата за врски на Алијансата во Скопје.
Најдобар избор за сите нас е масовно да се попишеме. Да докажеме дека не има во големи бројки, во и надвор од Македонија. Со бојкот, ние ќе се самоизбришеме од листата на народи, вели Мето Колоски, претседател на ОМД.
Пописот не е пазар, не е отворање на алваџиски тефтер, туку спроведување на закон, вели заменик директорот на Државниот завод за статистика Иљми Сељми. Како Државен завод за статистика, наведува, сакаме да се обраќаме до граѓаните, бидејќи пописот се прави за граѓаните.
На граничниот премин Табановце, поради зголемен интензитет, чекањето за излез од државата е околу 40 минути, информира Автомотосојузот во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.
Започна вториот ден од акцијата за имунизација на македонските стопанственици, што ја организира Стопанската комора на Северна Македонија. Се очекува исто како и вчера, повеќе од 1.000 македонски стопанственици да бидат вакцинирани.
Со поместување на стрелките на часовникот за еден час напред ноќеска во два часот по полноќ почна летното сметање на времето. Летното сметање на времето завршува на 31 октомври во 3 часот по полноќ.
М. Миткоска






