Пред неколку дена се потпиша договор за изградба на Коридорот 8 со американската компанија Бехтел Енка. На потпишувањето на меморандумот учествуваше и амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнс. Градежните активности ќе почнат кога ќе се подготви законот кој треба да се усвои во Собрание. Но, кои се придобивките од овој проект!?
Со изградбата на коридорот 8 отворањето нови економски полиња е неизбежно. Економијата на земјата ќе има директна но и индиректна придобивка, од транзитот на камионите меѓу Албанија и Бугарија, се вели во анализата на Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Директорот на ЈП „Државни Патишта“, Ејуп Рустеми, вели дека овој коридор има голема важност бидејќи го поврзува Истокот со Западот, со што, како што вели, ќе влијае на зголемувањето на трговијата меѓу соседните држави.
„Коридорот 8 е многу важен бидејќи го поврзува источниот и западниот дел. Кога зборуваме за коридорот 8, зборуваме од Деве Баир на границата со Бугарија до Ќафасан на граница со Албанија. Всушност е врска меѓу Исток и Запад и доколку гледаме, сега имаме активности во целиот коридор 8 и наш приоритет, на Владата и ЈП „Државни патишта“ е целосната изградба на Коридорот 8“, истакна Ејуп Рустеми.
Според анализата на СКСЗМ, Коридорот 8 е важен не само за зголемување на трговската размена меѓу РСМ и Албанија, туку и со Бугарија, која за транспортот на стоки ќе треба го користи овој коридор.
„Со изградба на Коридорот 8, видно се зголемува трговската размена меѓу нашата земја и Албанија, Бугарија и повеќе од тоа“, се вели во анализата на СКСЗМ.
Коридорот 8 треба да се простира од Варна Бугарија до Драч Албанија со целосна должина од 1 350 километри. Рустеми вели дека овој проект ќе биде готов до крајот на 2025. Според СКСЗМ државата може да има значителни приходи од транзитот на возила низ коридорот 8 само од увоз и извоз, неземјаќи го предвид внатрешниот транспорт.