„Во петиот пакет мерки имаме директна помош на ивент индустријата, тие да организираат содржини со теми од јавен интерес, а ние ќе ги финансираме. Велиме дека тема од јавен интерес е 30 години независност на државата и тие пари ќе бидат неповратни. Но, кога некој носи „црни очила“ и не ја гледа сликата, туку ја гледа само неговата, јас тогаш велам да ги симнат очилата и да седнеме да се договориме. Суштествено е што ние можеме да му помогнеме на овој сектор, но ако седнеме да се договориме.“- изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи, во вестите на Сител зборувачи за двата милиона евра кои владата ќе ги издвои за ивент индустријата, односно за финансирање на нивните настани од областа на музиката, културата, уметноста…
Битиќи укажа дека ивент индустријата пласира дезинформации во јавноста дека останала без помош од државата, иако вистината е дека оваа гранка имала прилика да аплицира за помош во сите четири пакети со економски мерки, а сега и во петиот.
„Неколку пати сум имал состаноци со ивент индустријата, имаме различни гледишта кон кризата, но само за јавноста да знае, компаниите кои организираат настани никогаш не биле изоставени од мерките, во сите пакети до сега тие биле вклучени, на пример ослободување од некои даноци, одложување на данокот на личен доход, имаа безкаматни кредити, имаа можност за финансиска помош од државата за плати за вработените. Сега, во петиот пакет имаат повторно плати за вработените, имаат кредити, и имаат директно финансирање на своите настани од страна на владата.“- појасни Битиќи со повик да не се шпекулира дека некој е заборавен од државата.