Процесот на дигитализација се случува и мора да биде заокружен во сите општествени сегменти, вклучително и во образованието, вели Игор Богдановски, од комисијата за образование при ОО СДСМ Штип.
Како партија на власт, во нашата изборна програма ветивме и веќе развиваме наш автентичен модел на квалитетно образование достапно на сите. Следната учебна година се воведува комбиниран модел на примена на материјалите за учење, кој ќе се имплементира сукцесивно во следните неколку години.
Ова решение не предвидува дигиталниот учебник да биде единствена опција за учениците. Од прво до трето одделение учениците и натаму ќе користат печатени учебници, додека за учениците од четврто одделение приоритетна опција се дигиталните учебници. Овој комбиниран пристап практично ќе им овозможи на децата да имаат достапни материјали во дигитален формат, како и да ги користат секаде и во секое време.
Децата родени во дигиталната ера, според сите светски истражувања, поминуваат многу време со дигиталните уреди. Преку овој пристап, наставните содржини се прилагодуваат на современите формати, преку кои тие многу полесно и побрзо ќе може да ги совладуваат лекциите, но и да ги користат дигиталните алатки за стекнување на знаење и истражување.
Ова апсолутно не значи дека со ваквиот пристап тие се принудени повеќе да бидат пред компјутер туку напротив, да поминуваат малку и поквалитетно време со уредите кои ќе ги користат за учење, а повеќе и подобро поминато време на училиште.
Со новите наставни програми, учениците се ставаат во центарот на образовниот систем.
Децата пред се ќе учат на училиште, во директна комуникација со наставниците, учебниците ќе ги користат за брзо пребарување, потсетување и достапност на материјалот во соодветен формат како презентации и други мултимедијални содржини. Покрај ова, учениците ќе продолжат да користат печатени материјали на часовите, да пишуваат и да учат од напишаното.
Секое училиште ќе има обврска да обезбеди потребната количина ИТ уреди (таблет компјутери) кои ќе се даваат на користење на учениците кои во своите домови немаат услови, односно не поседуваат електронски уред за употреба на дигиталните учебници.
Ова значи дека државата ќе биде одговорна секое дете да има пристап до уред.
Доколу од било кои причини некој ученик не е во можност да ги користи електронските учебници, училиштата имаат должност да ги испечатат и во хартиена форма да им ги доделат.
Материјалите за учење ќе му бидат достапни на секој ученик.
Ги повикуваме граѓаните со цел да добијат точни и проверени информации за претстојната реформа на основното образование, да се информираат и детално да ги следат одговорите на прашањата од страна на Министерството за образование и наука.