Планот за управување со Националниот парк „Шар Планина“ ќе биде алатка за новото јавно претпријатие кое ќе управува со националниот парк, со цел да се гарантира заштита на биолошката разновидност, заштита на природата, на сите видови и овозможување на сите позитивни придобивки од националниот парк, истакна министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, на денешниот воведен настан за изработка на нацрт-планот за управување со Националниот план „Шар Планина“.
Тој нагласи дека смета оти во последните неколку години имаат направено многу за заштитата на животната средина, особено во однос на прогласувањето на Шар Планина за заштитено подрачје.
– Со финалната фаза на прогласувањето на Шар Планина како Национален парк мислам дека правиме голем исчекор во оваа држава. Се надеваме дека многу наскоро ќе биде усвоено, како што знаете веќе е во собраниска процедура. Веќе не треба да зборуваме дали треба да биде национален парк или не, туку како треба да се управува со националниот парк, рече Нуредини.
Министерот посочи дека „Шар Планина“ ќе биде четврт национален парк во нашата држава.
– И овој ќе ни даде можност не само да ја заштитиме животната средина и да видиме на кој начин можеме да се движиме кон одржлив развој, туку исто така да го развиваме туризмот, зелени работни места, како и да го подобруваме животниот стандард на луѓето кои живеат во близина на паркот, истакна Нуредини.
Експертот Даниел Богнер, тим лидер за изработка на планот, од Регионалната канцеларија за Источна Европа и Централна Азија (ECARO) на IUCN потенцираше дека сите сме свесни дека Шар Планина има исклучителни вредности.
Националниот парк треба да го поддржи развојот на локалните планински села, тоа значи дека ќе се фокусираме на инфраструктурни проекти, на системи за греење, што е од исклучителна важност за добро управување со национален парк, рече Богнер.
Тој, во однос на прашањата на жителите околу што ќе се случува во строго заштитените зони, дали ќе можат да ја пасат стоката, потенсираше дека секако ќе ги поддржат сите традиционални активности, тие, како што рече, одат „рака под рака“ со целите за заштита.
– Ако ова не се случувало 1000 години наназад, оваа биолошка разновидност нема да биде тука. Традиционалните активности ќе продолжат, ќе ги поддржиме, меѓутоа ќе ги поставиме во рамки на национален парк. Имам предвид дека треба да понудиме и финансиска поддршка за подобрување на оваа инфраструктура за куќички, системи за заштита на млечни производи, млеко и така натаму. Тоа ќе го дискутираме наредните месеци, посочи Богнер.
Тој рече дека оствариле контакт со локалните селани, кои навеле дека им треба пат кој што е исчистен во текот на целата година, струја и интрнет. Мислам дека, како што рече, тие ставови ги претставуваат сите жители и гледам навистина голем потенцијал за развој на овие села, особено во однос на инфраструктура и работни места.
Експертот посочи дека биле во контакт и со наставниците во основните училишта, нагласувајќи дека навистина мора да се искористи знаењето на сите тие во однос на самата планина и сето тоа да се земе предвид во планот за управување.
– За отпадот там , тоа е една тажна слика, меѓутоа има решение за ова и овие теми, мора да се справиме и да ги решеаваме, наведе Богнер.
Сечењето шуми во националните паркови, наведе, бара долги дискусии, но мора да се размислува вон вообичаените рамки.
– Сега сме во еден посткомунистички систем, но тоа не функционира како што треба и затоа мора отворено да се дискутира за сосема иновативни решенија во однос на управувањето со шумите и на тој начин, нормално до одреден степен, да се обезбеди дрво за грење или пак системи за греење за локалното население. Имаме и некои прашања кои треба да се решаваат во самите села и да разговараме со луѓето како сето тоа да се вгради во овие планови за управување, објасни експертот.
Тој оцени дека Шара е извонредно туристичко место особено, како што рече, затоа што е на самата граница и е извонредно место за туризам низ целата година со најразлични можности и опции што ги нуди.
– Оваа планина нуди многу туристички можности кои можат да се усогласат заедно со потребите за управување со планот за заштита на целокупниот простор, наведе експертот.
Тој посочи дека сега прават адаптација на зонирањето.
– За рамката за планот за Националниот парк Шара ги следиме националните и меѓународните насоки. На национално ниво имаме прирачник за она што треба да се најде во овој план, а исто така ќе ги земеме предвид и прописите и стандардите на Меѓународната унија за заштита на природата за Источна Европа и Централна Азија. Мора да постои вклученост на активните чинители и тоа е од клучна важност, а јас се залагам за „одоздола -нагоре“ кога станува збор за заштита на заштитени области, истакна Богнер.
Тој посочи дека мора да се фокусираат на заштита на животната средина и самите пејсажи, а треба да се вклучат и во транзицијата на раководењето на шумите, особено во однос на градовите Гостивар и Тетово.
Богнер истакна дека ќе обезбедат поддршка на традиционалното земјоделството, а исто така ќе дадат поддршка на планинските села и за развој на екотуризмот.
– Особено ќе се погрижиме да дојде до соодветна рамнотежа помеѓу родовите. Знаеме дека ова е област каде што патријархалниот систем е многу поприсутен, меѓутоа мора да се менуваат работите со овие нови генерации особено кога станува збор за развој на туризмот, нагласи тој. Појасни дека нивната идеја е да воспостават пет работни групи со цел да бидат ефективни, односно научна, невладина, туристичка, група за шумите и локална група.
– Тие ќе се среќаваат на работни средби и ќе работат на оперативните програми. Ние ќе пристапиме до сите они кои сакат да бидат дел од работните групи и истите ќе ги организираме. Ќе има најмалку две рунди на средби, а потоа ќе ги собереме сите податоци. Ќе го изработиме планот за управување, а потоа ќе следат уште неколку средби за резимирање на самите заклучоци од планот. И сето тоа ќе се одвива во следните пет месеци, објасни Богнер.
Во однос на исходите и резултатите од процесот рече дека тоа е резиме на вредностите кои можат да се најдат во областа, оперативни програми, предлози за финансирање и управување за следење на природните вредности и предлози за меѓународна соработка.
– Во следните неколку месеци ќе ги соберем сите расположливи информации и ќе ги идентификуваме мисијата и целите за паркот. Во септември веќе ќе можеме да ги презентираме нацрт планот, а планираме да го финализираме до крајот на октомври, заклучи Богнер.
извор: МИА