Откако формалните здруженија на средношколци јасно порачаа дека не стојат и не поддржуваат бојкот на наставата, се отвора прашањето кој стои зад организацијата на бојкотот кој деновиве се организира на Фејсбук. Според сведочења на родители, учениците и родителите доцна во ноќта добиваат пораки за повик на бојкот на наставата од поединци кое не претставуваат ниедно формално здружение.
Ваквото делување сè повеќе наликува на партиска организација која преку свои членови се обидува да креира конфузија меѓу родителите и учениците. Претставниците на групата на Фејсбук која се вика „Учебници и настава мора да има“ се декларираат како здружение кое стои зад оваа организација, непартиско и независно според нивните тврдења.
Но, состојбата на терен е поинаква. Имено, родители брифираат за Фронтлајн дека во училиштата главни организатори на сите активности и комуникации се лица поврзани со ВМРО-ДПМНЕ и нивните претставници во советите кои всушност го подгреваат и организираат бојкотот. Ако се анализираат пораките и објавите кои се шират во оваа група, лесно може да се препознае целта на оваа операција.
Очигледно е дека се прави конфузија за тоа кои се вистинските измени на законот креирајќи слика дека учениците нема да имаат книги и пристап до учебници, но и дека наставата нема да продолжи во училиштата. Името на самата група создава забуна и јасно има за цел да ги изманипулира родителите, порачувајќи дека настава во училница мора да има, алудирајќи дека наставата е намерно прекината или пак дека некој има интерес да нема настава во училница.
Но тоа воопшто не е спорно ниту пак реформите предвидуваат учење онлајн, туку напротив поминување повеќе време на училиште со нови и проширени програми. Од МОН во неколку соопштенија порачуваат дека бојкотот е целосно неоправдан во услови кога реформите се во интерес на напредокот и развојот на образованието, дека идејата е учењето да се одвива во училниците а не пред компјутерите како што постојано сугерираат во Фејсбук групите и дека целата идеја за дигитализација на учебниците е образованието да се прилагоди на современите трендови и навики на младите.
Тим Фронтлајн