пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Секогаш на овој 4 мај и смртта на Гоце Делчев, како пандан на убиството и битката кај селото Баница, ми е конгресот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ од 2012 година и снимката од пеењето на „Нешто ќе те питам бабо“: Тоа ми е репетираната погибија, кога вмровците го убиваат Гоце по втор пат. Овие овој пат – со песна.
Нејсе, читам и пак не ми се верува до каде оди лицемерието на Мицкоски и тие околу него.
На денешното спомнување и чествување на Гоце Делчев, Мицкоски и неговите вмровци, кога одбрале да не се кријат и да молчат, барем да изглаголат нешто во духот на делото на Гоце, тие со обид партиски да поентираат, громогласно скандираат што и како ќе било, ако Делчев бил жив денеска. Па компарираат, па релативизираат, па драматизираат:
„Ако Гоце Делчев денес беше жив, сигурно ќе беше прогласен за антизападен, ќе беше скандализиран, омаловажуван.“, напишал Мицкоски на Фејсбук.
Ајде еве на денешен, да ги заборавиме сите епизоди на нашите вмровци и оние нивните отаде бугарската граница. Да ги заборавиме еве и сите туѓи знамиња под кои нашиве вмровци се поклонувале и приклонувале, еве на сите тие ваши и нивни „един народ“ денеска да не се потсеќаме. Да ги замижиме и најновите бурлески со пропагандните спотови и слогани на мицковата младина кога Мицкоски беше нарекуван „даскалот“ (асоцијација на прекарот на Делчев). – Лика и прилика, „вес“ е Христијан на Гоцета, што би рекла баба ми Цвета.
Еве на сè тоа да заборавиме.
Но, не е можно да заборавиме кога уши пара онаа нивна песна „Нешто ќе те питам бабо“, која е неизбежен декор на сите нивни конгреси, за која организираат силни пејачки групи, на која сите вмровски дпмневци аплаудираат во еуфорија и се поклонуваат кога ќе се спомне името на Тодор Александров, а кога се спомнува на Гоце Делчев и Даме Груев молчат.
Главниот стих, она кога почнува екстазата на вмровците, вели: „Нити беше Гоце Делчев, ниту Даме Груев, туку беше Тодор Александров…“.
Затоа, Мицкоски, поголемо омаловажување на улогата на Гоце во македонската историја, од онаа ваша врховистичка песна, нема!
Поголемо омаловажување на космополитот Гоце, кој не го гледал светот само во својот вилает, од овие твои отров зборови, нема.
Барем денеска покажи малку од малку достоинство и премолчи, скриј се и подготвувај се за чествување на твојот вистински историски патрон.
А, Гоце, остави го великанот да почива во мир и не му го погани името, оти прочитан си, ќе ти се смеат, онака како со фото-монтажата со апликацијата со мустаќите на Гоце на ликот на твојот политички противник.
Текстот е личен став на авторот. Сите права се задржани