Гоце Делчев, за кого на денешен ден обележуваме 118 години од неговата смрт, е историски херој кој несомнено бил застапник за македонска државност и учесник во борбата за слобода. За овој деец за кој денес говориме, без дилема, може да се каже дека претставувал вистински прогресивец на своето време. Уште во 20. век, овој лик од македонската историја ги истакнал своите визионерски гледишта и ја споделил прочуената мисла за гледиште кон светот како поле за меѓународен културен натпревар.
Македонското општество, но и светот, еден век и две декади по раѓањето на Делчев, сѐ уште се соочуваат со многу предизвици кои се спротивставуваат на поимањето на светот единствено како поле за натпревар во културата. Националистичките, квазипатриотските и популистичките движења и реторики кои земаат замав, претпочитаат на светот да гледаат како на поле за натпревар, но ниту од далеку како културен.
Сите ќе се согласиме дека светот може да е поле за натпревар, но не секаков. Трката по поддршка во политиката знае да биде безмилосна и токму оние претставници кои се најгласни во истата, честопати, забораваат и повикуваат на некакво натпреварување помеѓу различните народи кое е вон културниот домен. Балканскиот, европскиот и глобалниот контекст се различни, но нивна заедничка црта треба да е компетитивната самобитност и цивилизацискиот развој, а никако културата на изразени победници и понижени поразени.
И токму во ерата кога живите, дискутабилно, дебатираат за припадноста на покојните и за нивните идеи и размисли, да се потсетиме дека тактичноста која македонските револуционери ја покажале уште во дамнешни времиња треба да ни биде водилка и денес. Мудростите за македонската иднина изречени тогаш, дел се важечки и сега, а ако на младите останува иднината, тогаш и иднината на оваа држава е можна само со прогресивен ум кој ќе каже „не“ за некултурниот политички натпревар помеѓу два соседа.
Историјата треба да им биде оставена на историчарите за толкување, а уцените и заканите од еден народ упатени кон друг треба да останат таму каде што им е местото, во некои минати неславни времиња. Објективното анализирање на историските настани и фигури може и треба да биде само во насока на исчекор напред кон наднационалните сојузи и економската стабилност и добробит на целокупниот регион.
Враќајќи се назад кон зборовите на Гоце Делчев, не смееме да дозволиме неговиот концепт да биде погазен и да продолжиме да сведочиме на отсуството на почит од земји кои треба да бидат слика за европските вредности. Наративите кои градат предрасуди и јакнат националистички погледи кон минати настани се недопустливи. Заради тоа, на историјата редно време е да и погледнеме во очи како на учител за индивидуални потези, пораки и достигнувања, а не исклучиво како на некој кој не подучува за националната и колективна припадност на историските ликови.
Иван Дургутов