Масовната вакцинација во спортската сала во Средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово моментално се одвива нормално. Првите два дена имаше многу мал одзив. Но, вчера и завчера на дневна основа се вакцинираа од 70 до 80 % од пациентите кои имаат закажано термин. Во целиот процес на имунизација на населението потребна е поголема кампања и информации, за важноста на овој процес, каде, како и на кој начин се одвива.
„Првите два дена ни беше чудно зошто е толку мал одзивот. Можеби некој е скептик, можеби дел од тие што се вакцинираат се повозрасни жители па не ја прочитале смс пораката, можеби вината е кај нас што немавме доволно кампања, но во секој случај за да се избегнат во иднина ваквите проблеми потребна е постојана кампања и едукација за целиот процес на имунизација“, рече д-р Гзим Нуредини координатор на Ковид центарот при Клиничката болница Тетово.
„Секогаш за се имало скептици, така и за вакцинација која мора да се спроведе на поголем дел од населението, ако сакаме да се заштитиме себе си, другите и ако сакаме нашата земја да стане на здрави нозе неизолирана од останатиот свет“, вели д-р Нуредини.
„Тука не станува прашање за безбедноста на вакцините сите се со сертификат и сите носат корист, секоја вакцина е добра и дава попозитивни ефект кај тој организам во споредба со некој кој не примил никаква вакцина“, смета д-р Нуредини одговарајќи на прашањето која вакцина е најбезбедна.
Тој додаде дека процесот на вакцинација на здравствените работници од тетовскиот регион е при крај. Во меѓувреме состојбата со коронавирусот во тетовскиот регион се стабилизира. Се намалува притисокот врз болничките капацитети.
„Имаме моментално хоспитализирано 20 пациенти, 18 од нив се на кислородна подршка, а двајца не се, но и тие 18 немаат некои тешки симптоми, за разлика од пред еден месец кога имавме хоспитализирано 40 пациенти сите со тешки симптоми. Значи состојбата се стабилизира, дава надеж, имаме деновиве многу испис на пациенти. Сето ова ќе доведе утре или задутре едно одделение од Интерното каде сега се лечат Ковид пациенти да се врати на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, како што беше порано. Тоа значи олабавување на болничките капацитети, а со тоа и ослободување на лекарскиот кадар кој постојано беше зафатен со КОВИД пациенти. Сега тој кадар може да им посвети внимание на пациентите со други заболувања“, соопштија од Клиничката болница Тетово.
Со пуштањето во употреба на модуларната болница се очекува сите привремени ковид одделенија да се затворат и лечењето на пациенти позитивни на вирусот со потешки симптоми да се одвива во монтажниот објект, кој е целосно изграден, а се чека да се постави уште централен систем на кислород.
Зоран Димовски