Веќе петта година оџаците од Југохром не чадат. Со затворањето на овој комбинат згасна и основната егзистенција на околу 1000 семејства од долнополошкиот регион. Повозрасните генерации сè уште се без работа, но голем дел од помладите веќе се вработиле, но куќите ги оставија празни.
„Поради затворањето на Југохром селата ни се празнат. Младите мора нешто да работаат. Тука работеа во Југохром, но сега без таа фабрика која преставуваше основната егзественија, друго чаре немаат, па мораа да заминат во странство да се отселат. Тешко е без овој комбинат, тој преставуваше основна поткрепа. Од таа фабрика се изградија домовите, населбите, болниците, училиштата и се друго што гледате тука“, вели една жителка на Општина Јегуновце.
Мештаните бараат што поскоро овој комбинат да се отвори, но се разбира со почитување на сите еколошки стандарди.
„Не бараме да стартува Југохром и да работи без филтер станица како порано. Бараме да работи со почитување на сите еколошки стандарди. Сметаме дека Југохорм загадуваше, но не како што се преставуваше во јавноста. Досега секое раководство требаше да ги воведе тие еколошки стандарди. Цигла по цигла, филтер по филтер да ставаа, ќе се изградеше таа филтер станица“, истакна еден жител на село Јегуновце.
Југохром во ноември 2016 година беше затворен од Инспекторатот за животна средина, затоа што и покрај многуте укажувања и опомени од надлежните институции и понатака работеше без заштита на животната средина, односно немаше никаква филтри за прочистување на издувните гасови.
По затворањето на комбинатот започнаа активности за изградба на филтер станица, но работите запреа, откако се изгради само бетонскиот постамент како и челичната конструкција на системот за отпрашување.
И по поминати 5 години нема никакви активности за доизградба на системот.
И денеска од комбинатот без оптимистички најави за било какви активности за воведување на еколошки стандарди за работа, што е основен услов за рестартирање на фабриката, став повторен во неколклу наврати од државата како и од еколошките организации.
Зоран Димовски