Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска во Охрид ги посети училиштата „Ванчо Питошески“ и „Наум Охридски“, во рамки на втората фаза од кампањата „Учи паметно, работи стручно“, за промоција средното стручно образование и запознавање на идните средношколци со перспективите и можностите што ги нуди тој тип образование.
Царовска изрази задоволство што Охрид преку двете образовни установи е еден од регионалните центри за стручно средно образование, со капацитет да обезбедува кадри како за потребите на стопанството во регионот, така и за целата држава.
Таа појасни дека преку принципот на создавање капацитети што ќе водат креирање локална или регионална политика за стручно образовние, интенција е да се врати сјајот на стручното образование. Реализираниот дијалог изминатите два месеци спроведени на локално ниво меѓу компаниите, општините, училиштата и Министерството имал за цел креирање уписна политика во средно образование врз потребите на општините и реалниот сектор, за да се обезбеди подготвен кадар што ќе ја движи и развива економијата.
– Сега е во тек промоција на дуалните профили со цел учениците во средните стручни училишта да имаат поинтензивна пракса во компаниите. Од една страна да се запознаат со културата и динамиката на компанијата, но и да се остручат за производствениот процес, независно дали потоа ќе се вработат истите компании или во односната гранка за која се оспособени. Освен промоција, сакаме да ги поттикнеме учениците да се запишуваат во дуалното образовние за што Министерството има предвидено и соодветни стипендии, рече Царовска.
Минатата година во земјата имало 11 паралелки за дуално стручно образование, оваа учебна година нивниот број е 97, а со интенција нивниот број дополнително да се проширува.
Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески посочи дека и Општината ја поддржува кампањата „Учи паметно, работи стручно“, укажувајќи на важноста од усогласеноста на образовните профили во средните училишта со потребите на локалните компании.
– Креирањето квалификуван стручен кадар е еден од најважните предуслови за развој на индустријата, бизнисот и туристичкиот сектор во Охрид. Во градот успешно функцинира системот на дуално образование како еден вид јавно приватно партнерство меѓу училиштата и компаниите, рече тој.
Во рамки на своите надлежности и можности, Општината постојано инвестира во подобрување на условите за настава во средните училишта преку инфраструктурни зафати, ги поддржува реформите за унапредување на наставниот процес, а изминатата година се доделени и рекордни 412 стипендии за ученици во вредност од околу шест милиони денари.