Исплашени и сомничави. Немаат факти, но повеќе сакаат да веруваат во „небезбедни вакцини, кои предизвикуваат еутаназија и стерилитет“, отколку на научните истражувања поткрепени со докази и факти. Таков е и нашиот соговорник, кој од свои причини сакаше да остане анонимен.
Вели дека не верува во безбедноста на вакцините и нема намера да се имунизира.
„Јас лично не верувам во безбедноста на вакцините. Мислам дека е невозможно во толку краток период да се направи една безбедна вакцина. Сметам дека не е доиспитана, дека може да има последици по здравјето на луѓето, затоа нема да се вакцинирам. Следам повеќе Фејсбук објави од интелигентни личности во кои отворено лекари зборуваат за последиците од вакцините. Тоа ме плаши. И мојата мајка е на ист став, иако е повозрасна и таа не сака да се вакцинира “, вели еден охриѓанец, во разговор за Фронтлајн.
Лекарите постојано апелираат, граѓаните да го следат нивниот пример и што поскоро да се вакцинираат. Уверуваат дека тврдењата за нус ефекти по здравјето на луѓето се потполно неточни! Вакцините се безбедни и дека само со масовна имунизација ќе се стави крај на пандемијата.
И СЗО тврди вакцинацијата е безбедна, а несаканите ефекти од вакцината обично се мали и привремени, како што се болки во раката или лесна треска. Можни се посериозни несакани ефекти, но тие се исклучително ретки.
Секоја лиценцирана вакцина е ригорозно тестирана во повеќе фази на испитувања пред да биде одобрена за употреба и редовно се проверува и откако ќе се воведе, тврдат научниците.
Над 11 илјади граѓани досега се имунизираа во Југозападниот плански регион во земјава. Процесот на вакцинација, во регионалниот центар „Билјанини извори“, тече без никакви тешкотии. Дневно се вакцинираат околу 1.500 лица од општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебарца, Ресен, Дебар и Кичево.
Надлежните велат дека задоволни од интересот на граѓаните. До денес, од сите вакцинирани, нема ниту еден случај со несакани последици.
„Задоволни сме од процесот на вакцинација, граѓаните покажаа доволно зрелост и свест, преку вакцинација да го победиме вирусот и да излеземе од пандемијата. Со 1.500 дневно вакцинирани сметаме дека тоа е одлична бројка. Доаѓаат буквално од сите градови и села, има и повозрасни лица, но има и помлади. Очекуваме да продолжи интересот за вакцинација“, изјави д-р Горан Балевски директор на ЈЗУ Општа болница Охрид за Фронтлајн.
Граѓаните кои вчера ги затекнавме во спортскиот центар „Билјанини извори“, велат дека имаат доверба во вакцината, пристапуваат без страв и сомнеж, со цел што поскоро да заврши пандемијата.
„Очекуваме, како и сите, цел свет, дека со имунизацијата ќе биде подобро. Доаѓам од Кичево, се вакцинираше и сопругата и мојата мајка“, вели жител на Кичево.
„Верувам во вакцината. Доаѓам од Дебар, поточно од Косоврасти. Очекуваме после имуниацијата да ги тргнеме маските и да се вратиме на нормалниот живот“, вели жителот од Косоврасти.
„Не стравувам, едвај чекав да се вакцинирам, верувам во поголема сигурност“, вели жител од Струга со кого разговаравме.
„Што поскоро да се вакцинираме сите и да се заштитиме и ние и нашите семејства“, се надоврзува жителка на Дебарца.
Има голем број граѓани кои сè уште не донеле одлука за вакцинација. Се двоумат, ги плашат антивакциналните кампањи, кои секојдневно се споделуваат на социјалните мрежи.
Соња Рилковска