Жителка на Девствените острови на Карибите во Охрид учи да изработува накит од филигран. Во време на светска пандемија, Анет Хил Боринг и нејзиниот сопруг, направиле илјадници километри за да ја посетат нашата мала земја, која им била желба од поодамна. Смениле четири летови, од Девствените острови до Порторико, потоа до Вашингтон, па Виена за да допатуваат во Скопје.
Во Охрид се вљубија во природата и културата, но и старите традицонални занаети.
„Многу сакам сребро, додека шетавме во стариот дел на Охрид го видов ателјето каде се изработува сребрен накит. Сопствениците ми понудија сама да научам да изработам накит од сребро. Беше уникатно доживување, ми покажаа како и самата го направив овој прекрасен прстен. Кај нас се изработува сребрен накит, но не на ваков начин. Многу ми се допадна Охрид, ова за мене е незаборавно доживување“, вели Анет Хил Боринг туристка од Кариби.
Најважно во филигранството, покрај умешноста и фантазијата на мајсторотот, е неговата трпеливост. За да се состават сите делчиња, требаат денови.
Странците се вљубуваат во филигрантот, занает кој се смета за врвна уметност. Голем е интересот на гости кои сакаат одблизу да се запознаат со изработката на овој уникатен накит.
„Интересот за филигранот е доста застапен особено кај странските туристи, кои не го одминуваат нашето ателје. Прашуваат како се изработува накитот се заинтересирани а ние им правиме презентации. Веќе две години имаме „filigree experience“ начин на кој самите турсти го изработуваат својот накит. Со наша помош седнуваат и работат парче накит за кое што се заинтересирани“, вели Павлина Шикалеска, кујунџија.
Радува тоа што последните години заживува филигранството во Охрид. Десеттина млади луѓе од градот ја продолжуваат древната традиција. Последниот врвен кујунџија беше Вангел Деребан, легендата на македонското кујунџиство., или човекот со „златни раце“, кој почина пред осум години, Тогаш замре овој занает но, пред четири години овие млади вредни луѓе, надежни мајстори го возобновија кујунџиството во градот.
Со охридски филигран се китат бројни светски личности, актери, пејачи меѓу нив е и поранешната прва дама на американската дипломатија Медлин Олбрајт. Денес на уникатните творби работени по теркот на традиционално изворно филигранство се воодушевуваат туристите.
Соња Рилковска