Во викенд населбата Попова Шапка има и над 800 објекти, но налик на куќи за домување со оглед на габаритот на површината и до 200 метри квадратни, а предвидена за 200 викендички. Кога влегувате во туристичкиот центар „Планинското брдо“ од левата страна е речиси целото бетонизирано.
Тука според еколошките организации последниве десетина години, кој што сака прави односно гради, доградува, а што е најлошо узурпира државно земјиште каде никнуваат дивоградби.
„Нашите проценки се дека во викенд населбата на Попова Шапка има над 100 дивоградби, дел од нив се на приватно, а дел се на државно земјиште, односно се узурпира земјиште и се градат големи објекти. За голем дел од овие нелегални објекти и Јавното обвинителство има отворено предмети, но како што гледате на терен ништо не се презема, односно ниту една дивоградба не е урната. Треба да се преземат сериозни чекори, ако сакаме да ја зачуваме природата на Попова Шапка. Тука беше предвидено да се градат објекти до 64 метри квадратни , а сега таму се градат и објекти над 200 метри квадратни. Проблемот е што за викенд населбата нема Детален урбанистички план. Стариот не е во функција, нов нема, па сега таму секој прави што сака. Започна Општината со изработка на нов ДУП, ние како организација дадовме некои забелешки, истите биле прифатени лани, а дури минатиот месец ни испратија писмо дека биле прифатени забелешките, па сега вие утврдите колку се агилни градските власти и оценете според овие постапки кога ќе биде изработен новиот ДУП за викенд населбата Попова Шапка“, изјави Хамди Сулејмани од Иницијативата да ја спасиме Попова Шапка.
Од Општина Тетово, велат дека изработката на новиот ДУП за Попова Шапка е при крај.
„Што се однесува до ДУП-от за Попова Шапка, постапката е во тек. Во моментов, завршена е постапката на одговори на жалбите доставени од страна на граѓаните. Во меѓувреме, повикан е и изготвувачот на планот, кој треба да ги потпише одговорите. После тоа, ДУП-от ќе биде повторно јавно објавен, ќе се повтори како постапка, со сите жалби внесени во него, а доколку нема, тогаш ќе биде обработен во другите институции“. истакна Снежана Новаковска, портпарол на Општина Тетово.
Од општината не одговорија колку дивоградби има на Попова Шапка и дали ќе се преземат некакви мерки за нивно уривање.
И од месната заедница Попова Шапка, велат дека викенд населбата е пренатрупана и ако продолжи ваквиот тренд основната инфраструктура не ќе може да го издржи притисокот од бетонизирањето.
„Премногу се изгради во викенд населбата. Со тоа се појавија проблеми меѓу соседите, кога е пренатрупано нормално е да се појават такви проблеми. Сега веќе и струјата како и сообраќајната инфртаструктруа не може да го издржи теретот од толку голем број на градби. Треба Општината да преземе сериозни чекори за ова, да се донесе новиот ДУП и да се престане да се гради. Ние гледаме спас само во прогласувањето на Шара за национален парк, само на тој начин ќе има тука поголема контрола, а со тоа ќе бидат засилени инспекциските контроли“, рече Авзи Ризвани, претседател на месна зааедница Попова Шапка.
Новиот закон за легализација на дивоградби предложен од Владата кој дигна многу прашина ги активираше еколошките организации, како и урбанистите и архитектите.
Тие сметаат дека законот треба да се повлече, затоа што голем дел од диворгадбите кои се изградени ќе се легализираат, а тоа ќе има многу штетно влијание врз урбаниот развој на регионите
„Законот за легализација требаше да биде минато , сега неговата рамка за легализација се проширува. Со еден пријател исто од оваа струка разговараме и ми вели на шега, сега ако сака некој да гради може слободно камче да фрли и каде ќе застане камчето таму може да гради, ова е преголема анархија, и со овој закон веќе е беспредметно да разговараме за некаков урбан развој на општините“, рече архитектот Богосав Божиновски.
Дали новиот закон ќе биде изменет допрва треба да се види, откако власта ги омекна ставовите околу законот, по одбивањето на претседателот Стево Пендаровски да го потпише.
Зоран Димовски