Стотина вработени во туристичко угостителскиот сектор, заминаа во охридските фабрики. Кризата предизвикана од пандемијата најмногу го погоди туристичкото стопанство. Голем дел од вработените, особено со сезонски ангажман, но и останатите кои повеќе од една година земаа минимална плата како финансиска помош од државата, се преквалификуваа. Од келнери, шанкери, салатери, собарици , денес работат на лента во германската фабрика „Костал“ во Охрид.
Ги бираат странските компании бидејќи им нудат солидна плата, сигурност и можност за напредок во кариерата.
„Посебно во последните 15 до 16 месеци од почетокот на пандемијата, голем дел на вработени во угостителскиот и туристичкиот сектор активно аплицираа за работа и веќе се вработени во „Костал“. Ние во моментов немаме проблем со стручен кадар, но техничкиот кадар е проблем без разлика дали тие завршиле средно стручно образование или се од други бранши, навистина треба многу време за обука и подобрување на нивните вештини особено за автоматизација и роботика“ , вели Виктор Мизо, директор на „Костал“.
Охрид во осумдесеттите години од минатиот век важел за индустриски град, познат по машинската, текстилната и електро-индустријата. Последните години туристичко угостителскиот сектор беше во експанзија, но кризата предизвика трансформација.
„Креирање на еден кластер технолошки напредни компании во овој регион на државата ако гледаме што се случувало овде кон крајот на 80-те години имало многу индустрија. Што се случило со индустриското знаење во тој период од триесетина години подобро да не коментирам. Потребно е време и напор, денес за тие да можат да бидат продуктивни и квалитетни работници. Најчесто ги праќаме во период од неколку недели па дури и до една година во Германија, Ирска Велика Британија и наши други локации низ Европа за да може да бидат обучени“,, вели Виктор Мизо.
Во охридскиот регион покрај „Костал“ има и фабрика на компанијата „ОДВ Електрик“, а во индустриската зона кај Подмолје за работа се подготвува трета странска компанија од Канада за производство на делови во автомобилската индустрија.
Токму затоа, општината се залага за квалификување на стручен кадар. Учениците од средното стручно училиште ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ на пракса редовно одат во фабриките.
„Од исклучително значење за создавање на квалификуван кадар во техничките струки е дуалното образование и соработка која ја имаме со фабриките. Странските инвестиции во нашиот регион како што е компанијата „Костал“ ја наметнаа потребата од стручен кадар за креирање на образовен систем кој ќе продуцира обучени работници што може лесно да се вклопат в процесот на нивното производство“, вели градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.
Трансфер во фабриките има и од страна на занаетчиите. Немоќни да остварат егзистенција ги затворија своите дуќани, го оставија алатот и заминаа на работа во фабрика.
Соња Рилковска