Пред неколку денови на панелот „Говорот на омразата во политиката“, во организација на ЦИВИЛ, Петар Богојески се обиде неговиот експлицитен говор на омраза пласиран во последно време на социјалните мрежи да го прикаже како експеримент и истражување.
„Истражувањето е базирано врз одговори на членовите на Македонски концепт како и на надворешни членови. Ние поучени од праксата од последната кампања решивме да правиме истражување во рок од 60 дена. Тоа значи вклучуваме говор на омраза односно вклучуваме нешто што не сме ние. Ние живееме во омраза. Многу било лесно да бидеш успешен. Говорот на омраза го користевме, во блага мера, за да покажеме дека тука се живее од омраза. За да успееме од 500 гласа да стигнеме до 50.000 гласа треба да се однесуваме и да користиме говор на омраза како политичарите на македонската сцена.“, истакна меѓу другото Богојески во своето излагање.
Богојески претходно на социјалните мрежи осудувајќи ги протестите за поддршка на Палестинците одржани во Скопје, со неколку расистички коментари со експлицитен говор на омраза и повици кон активистката Мерсиха Смаиловиќ, предизвика бројни реакции кои одеа во правец на верска, етничка и расна нетрпеливост.
Петар Богојески, на својот личен профил во коментар со директни закани, ги прашува Бошњаците дали сакаат уште од случувањата во 90-тите.
Граѓанското движење АВАЈА реагираше на јавните расистички објави кои лидерот на „Македонски Концепт”, ги споделува на својот Фејсбук профил, како што велат, при што јавно ги навредува Ромите и шири говор на омраза кон различни групи на граѓани. Ваквото однесување на една јавна личност е крајно неприфатлива и деградирачка, особено ако се знае дека Петар Богојески е вработен како Државен советник во Министерството за одбрана, велат од движењето АВАЈА и побараа од Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска да реагира и преземе сите чекори за дисциплинска постапка против Петар Богојески
Учесникот во дебатата, новинарот Дехран Муратов, смета дека не се работи за експеримент, дека нема никаков дисклејмер – објаснување под текстовите дека е социјален експеримен, и дека ваквата комуникација со говор на омраза на Богојески, е токму тоа што тој ќе го прави во иднина.
„Јас сметам дека ова што го зборувавте не е експеримент, тоа е токму тоа што вие веројатно сакате да го правите во иднина. За 10 години ако напишеме на интернет Петар Богојески – бурки, ќе излезе анализата во која нема никаков дисклејмер дека е социјален експеримент“, рече Муратов.
Активистката Мерсиха Смаиловиќ реагира преку објава на фејсбук и вели дека е чиста лага дека се работи за експеримент од страна на Богојески.
Таа нагласува дека се работи за напади кон неа и нејзиниот сопруг, односно, како што вели, поединци кои немаат никаква врска со политиката и додава дека нападите не се поради политички став или локална политика, туку поради верска припадност.
„Не нè нападна поради политички став, нè нападна поради нашата верска припадност, нарекувајќи нè исламисти, терористи и ИСИС. Има уште многу докази дека сега сака да се извлече од последиците на говорот на омраза кој со денови го шири, очекував дека ќе оди: „ми го хакирале профилот“, или лекарско уверение дека имал психолошко нарушување. Но изненадува иновативноста дека сите сме биле дел од „истражување“. Чиста лага која ќе треба единственона Суд да ја образложи. Нема да му помине неказнето!“, напиша Смаиловиќ.
Смаиловиќ во изјава за ЦИВИЛ вели:
„Луѓето почнаа да коментираат, некои и му се закануваат и тоа е се документирано. Но, неговите напади и понатаму продолжуваат, иако јас го игнорирам целосно, го пријавив во МВР, а денеска испратив и допис до Министерството за одбрана бидејќи тој е вработен во МНР, и зема пари од буџетот во којшто јас и сите граѓани плаќаме даноци, и Министерството за одбрана треба да реагира соодветно.“
Министерството за одбрана покренало постапка за утврдување на дисциплинска одговорност за Петар Богојески, државен советник за недвижности и правни работи во Министерство за одбрана, поради ксенофобични објави на социјалната мрежа Фејсбук, пренесува ТВ21.
„Министерството за одбрана не толерира било каква форма на дискриминација а административните службеници во јавните настапи на социјалните мрежи или во каков било друг облик на комуникација, треба да претставуваат пример за соодветно и достоинствено однесување“, велат од министерството за ТВ21.
Богојески вели дека нема службена информација за постапка против него.
„До овој момент, јас немам никаква службена информација за постоење на таква постапка. Ниту до мене е доставена иницијатива од наделжно лице, согласно Закон. Доколку такво нешто навистина постои, откако ќе добијам соодветна документација ќе можам да ги коментирам аргументите. Забележав на социјалните мрежи наводна изјава од МО, дека таква постапка е покрената. Таа изјава на МО беше злоупотребена од една терористичко – џихадистичка ќелија во Македонија.“, се наведува во дел од одговорот на Богојески.
Лидерот на Македонски концепт, и после објавата дека се работи за наводно истражување и експеримент, не престанува со непристојни етикети, навреди и говор на омразата.
На порталот кој често го цитира Богојески, се појави непотпишан напис со наслов „Еретичко дувло пери пари?“. Текстот со коментар е споделен и на официјалната фејсбук страница од Богојески.
Во дел од текстот тој повторно со етикети и говор на омраза кон активистката и борка за човекови права нарекувајќи ја Мерсиха Смаиловиќ, „активистка за терористички права“.
Говорот на омраза кон Смаиловиќ и после „социјалниот експеримент“, е начин на комуникација и на официлајната фејсбук страница од Богојески:
Во неколку пати едитиран пост на неговата фејсбук страница, Богојески упатува вулгарни навреди, етничка, верска и експлицитна омраза.
Политичарот и водач на Македонски концепт, Петар Богојески кој, како што наведува во својата биографија е докторант по економски науки при УКИМ Скопје, Република Македонија и по политички науки при СУ „Св. Климент Охридски“, Софија, Р. Бугарија, со фото-монтажа, не ги поштеди со вулгарен говор ни Бугарките.
Во неговиот текст со наслов „Печалбари од верата, официјален став на Петар Богојески“, тој промовира и се залага за воведување на „Закон за заштита на државноста“. Како што образложува, се работи за закон за „прочистување“, отрезнување и освестување на еретиците.
„Согласно новиот Закон за заштита на државноста, ќе биде воведено и „прочистување“ на еретици од било која вера, во соработка со легалните верски заедници во Македонија! Еретиците ќе бидат подложени на вистинска вера, на отрезнување, на освестување. Со цел да им помогнеме да го запознаат Бога, онака како што кажуваат Светите Книги, а не „светците печалбари од верата“! Забраната за бурки, џихадизам, печалбарство од вера, инквизатори и сл. останува приоритет на нашите политики!“, пишува Богојески.
Повеќе од јасен е одговорот на прашањето дали се работи за „социјален експеримент“ или во борбата за политички поени не се бираат начините да се стигне од „500 до 50.000 гласови“.
Јане Ѓорѓиоски