Претставници на Советот на амбасадори оствариле работна средба со амбасадорката на Хрватска во земјава, Нивес Тигањ на која се разговарало за повеќе теми од заеднички интерес.
Средбата, како што информираат од Советот на амбасадори, се одржала вчера, а на неа присуствувале претседателот на Советот на амбасадори, Мухамед Халили и членот на Извршниот одбор Љупчо Арсовски.
Станало збор и за потребата од надминување на спорот со соседна Бугарија за кој од страна на Португалското претседателство се прават напори за изнаоѓање соодветно решение со кое би се овозможило отпочнување на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.
– Посебно беше изразено задоволство од искрениот настап на претседателот на пријателска Хрватска, господинот Милановиќ во врска со бугарското вето со кое е ставено прашање околу одржување на меѓувладината конференција за старт на преговорите на РС Македонија со Европската Унија. На хрватската амбасадорка и беше изразено признание за нејзините досегашни настапи, интервјуа, изјави и пораки упатени по разни поводи, секогаш принципиелни и со позитивен став кон државата и граѓаните, се вели во соопштението.
Амбасадорката на Хрватска изразила задоволство од досегашната соработка со Советот на амбасадори и подготвеност за учество на една од тркалезните маси што Советот планира да ги организира оваа година.









































































































