пишува: АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ / ЦИВИЛ МЕДИА
ЛИНК ДО ПРВИОТ ДЕЛ
За да биде јасна и оправдана заканата која произлегува од наредбата на Бајден, хронолошки ќе потсетиме на некои случувања во поновата историја на самостојна Македонска држава и идеите за нејзината поделба, непочитување на Охридскиот и Преспанскиот договор и прекројување на границите и размена на територии кои потекнуваа од партиите со предзнак на ВМРО, а кои беа толерирани за „децата да си поиграат“.
НАТИГО-ДАЈМИГО
Натиго-дајмиго околу размена на територии и поделба на Македонија која ја кроеле Љубчо Георгиевски, додека беше премиер на Република Македонија и тогашниот лидер на Демократска партија на Албанците, Арбен Џафери, беше под опсервација и на тогашниот скопски јавен обвинител Стерјо Зиков.
„Внимателно ќе ги разгледаме изјавите на лидерот на Демократска партија на Албанците Арбен Џафери, во интервјуто што го дал за косовска телевизија, во кое зборува дека во 1998 година, со тогашниот премиер Љубчо Георгиевски, направиле план за мирна поделба на Македонија“, изјави скопскиот јавен обвинител Стерјо Зиков („Дневник“, број 2776 од 4-5 јуни 2005 година).
Во интервјуто, како што објави Дневник, Џафери првпат јавно призна дека разговарал со Георгиевски за поделба на земјата. Договорот бил направен веднаш по победата на изборите во 1998 година и по склучување на нивна коалиција.
„Војната нè спречи да го реализираме планот. Ќе се избегнеше насилство и ќе се постигнеше мирна поделба помеѓу Албанците и Македонците. Не верувавме во функционирање на мултиетничка држава која е фикција на меѓународните креатори“. Џафери тогаш тврдеше дека за планот бил известен и тогашниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ и тој ја одобрил поделбата („Дневник“, број 2776 од 4-5 јуни 2005 година).
Весна Јаневска, тогашна претседателка на партијата на Георгиевски во истиот број на Дневник ги демантираше наводите на Џафери, обвинувајќи го дека со таа изјава сакал да привлече гласачи. Но идејата за размена на територии и поделба на Македонија ја префрли на МАНУ.
„Имаше еден предлог за размена на територии кој произлезе од МАНУ. Ние го разгледавме, но никогаш не бил дел од наша политика“, изјави Јаневска.
ПЛАН ЗА ПОДЕЛБА НА МАКЕДОНИЈА, СЕПАК, ПОСТОЕЛ
Меѓутоа во истиот весник, во колумна објавена во април 2003 година, како што потсетува „Дневник“ во истото издание (број 2776 од 4-5 јуни 2005 година), Георгиевски како потписник на Охридскиот рамковен договор, напиша:
„Потребно е најитно враќање на тезите изнесени од неколку академици за размена на територии и на население или поточно разграничување помеѓу Македонците и Албанците. Основата на нашиот интерес е етничко спасување на Куманово, Скопје, Кичево и Струга што подразбира иселување на албанските граѓани од тие области преку трампа на финансиски и имотни добра“.
И Али Ахмети од ДУИ потврди дека идејата и нему му била предложена, но тој ја одбил како неприфатлива, нагласувајќи дека неговата цел е единствена Македонија во ЕУ, а не размена на територии.
Во Фокус, број 624 од 15 јуни 2007 година, Георгиевски уште поексплицитно се залага за поделба на Македонија и прекројување на границите во регионот. Почесниот лидер на ВМРО-НП тогаш, во ексклузивна колумна, напиша:
„Во Македонија да се направи разграничување, при што Албанците би ги добиле Тетово, Гостивар и Дебар со дополнителна трампа на македонското и албанското население. Албанците би добиле територијална компензација, а Македонија би дошла до единствен начин за спас и опстанок на сопствената држава. Георгиевски потенцира и дека мултиетничкиот пристап за решение на сложените проблеми на Балканот е дефинитивно пропаднат и дека таквиот принцип може само вештачки да се одржува.“
Пораките за поделба на Македонија Георгиевски ги испраќал и во медиуми од соседството. Во интервјуто дадено за Хрватскиот јавен сервис во 2012 година, Георгиевски повтори дека планот за поделба на Македонија со Албанците му го образложил академикот Блаже Ристовски и дека тој ја прифатил идејата како добро решение.
ГОСПОДАРИ НА ВОЈНАТА
Британскиот новинар Џон Филипс во 2004 година ја објави книгата „Македонија: Господари на војната и бунтовници“ во која пишува за војната во Македонија во 2001 година, предупредувајќи колку е опасна нестабилноста на Македонија за долготрајниот мир на Балканот. Книгата е издадена и во Македонија 2009 година и се обидува да објасни како и зошто избувна оружениот конфликт во Македонија што се закануваше да го турне Балканот во петта војна, една деценија по мирното отцепување на Скопје од Југославија и кој и зошто заговараше поделба на Македонија и размена на територии со Албанците.
Во поглавјето „Избувнување на мирот“, Филипс пишува:
„Планот за поделба на Македонија долж етнички граници, со размена на територии со Албанија или Косово, се тврдеше дека го подготвил Георги Ефремов, генетичар, кој во тоа време беше претседател на Македонската академија на науките и уметностите, реномираната интелектуална елита на земјата. Ефремов конзистентно негираше дека тој го подготвил планот. Политички извори во Скопје веруваат дека е поверојатно планот да го подготвил Блаже Ристовски, исто така член на академијата. Македонските опозициони партии долго тврдеа дека премиерот и ВМРО-ДПМНЕ бараат поделба на Македонија и поблиски врски со Бугарија.“
МАНУ во неколку наврати се состануваше да заземе став околу овие идеи, но до денес тој став не е јасен и се сведува на тоа дека се работи за спорадични, лични мислења, или се работи за државна тајна.
Во 2007 година, весникот „Време“ прави паралела и предупредува дека потезите што ги влече Груевски во сферата на меѓуетничките односи и стабилноста на државата, за жал, покажуваат дека има многу заеднички нешта со Љубчо Георгиевски.
„Љубчо Георгиевски останува доследен на својата идеја за поделба на Македонија, која ја промовира во 2001 година, како претседател на Владата, во која министер за финансии беше Никола Груевски, министер за внатрешни работи Доста Димовска, а нивен коалициски партнер беше Мендух Тачи. Сега тие раководат со државата. Таа идеја беше поразена од граѓаните во 2001 година и затоа слободно можеме да ја оцениме како мртва теза на менторот на Груевски. Сепак, потезите што ги влече Груевски во сферата на меѓуетничките односи и стабилноста на државата, за жал, покажуваат дека има многу заеднички работи со Љубчо Георгиевски.“
Филипс го опишува планот за поделба и размена на територии и луѓе во поглавјето „Избувнување на мирот“, на страна 128, 129:
„Градовите со мнозинско албанско население, како Тетово, Гостивар и Дебар ќе се разменуват за територии во источна или југоисточна Албанија, со претпоставено мнозинско словенско население, во близина на Охридското и Преспанското Езеро, вклучувајќи ги и градовите Подградец и мала Преспа. Академиците предложија Албанците што живеат во Куманово и во околината, да се преселат на територија што ќе ѝ се отстапи на Албанија, заедно со другите Албанци од Скопје, Велес, Битола и од Кичево. Исто така, Славомакедонците требаше да го напуштат Тетово и другите области што требаше да и бидат отстапени на Албанија.
Според изјавата на Академијата, цитирана во провладиниот весник Нова Македонија, размената треба да се одвива мирно, во период од три месеци: Ова е единствено трајно решение, зашто Македонците и Албанците се етнички толку различни што не можат да живеат заедно… Православните христијани и муслиманите имаат различни религии и обичаи. Работевме со години да изградиме доверба меѓу нив. Но, сѐ што беше постигнато е уништено со неколкунеделните борби што започнаа во Тетово.“
ВИСТИНСКИОТ ПАТ
Во истото поглавје, Филипс пишува:
„Академиците рекоа дека контактирале со своите колеги во Албанската академија на науките и уметностите и дека нејзиниот претседател Или Попа го посетил Скопје за да поразговара околу предлогот. Меѓутоа, беше речено дека Попа го одбил предлогот. Беше цитиран дека рекол: „Меѓуетничките проблеми не можат да се решат со размена на територии и население. Единственото решение на македонската криза е респектирање на правата на Албанците што живеат овде.“
Државниот врв го одби предлогот како фашистичка идеја. Идејата предизвикала остра изјава од кабинетот на претседателот Трајковски кој рекол: Единствениот начин да се решат овие проблеми е дијалог со легитимно избраните претставници на Албанците и нивните партии и заедничкото живеење.
Авторот во истото поглавје констатирал дека Георгиевски и парламентарниот спикер Стојан Андов, член на Либералната партија, која што беше помлад партнер во коалицијата, беа единствените поголеми политичари кои јавно не го осудија планот.
Лидерот на тогаш опозициската Социјалдемократската партија Бранко Црвенковски, планот на Македонската академија го нарече „потикнување на граѓанската војна и самоубиство за Македонија“.
Цитирајќи дел од обраќањето на тогашниот претседател Борис Трајковски, Филипс наведува дека претседателот ги осудил тврдите националисти, изедначувајќи ги со „оние кои го одбрале патот на злото“.
„Жестоката националистичка агенда ќе го уништи тоа што останало од единството на земјата. Вие ми дадовте мандат за мир и спокојство, а не за војна. Тоа сакаме да го постигнеме. Можеби патот е долг, но тоа е вистинскиот пат“, гласи цитатот од тогашниот претседател Трајковски.
(продолжува)
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.