Самитот на НАТО, кој се одржа во Брисел вчера, за Северна Македонија беше од особено значење поради неколку причини. 14 јуни 2021 година, е денот кога како држава за првпат го земавме нашето столче на масата на сојузниците на алијансата и во белгиската престолнина бевме рамо до рамо со големите светски сили.
На маргините од овој самит, се одржа и кратката средба помеѓу македонскиот премиер Заев и американскиот претседател Бајден. Овој разговор, кој се случува после неполни пет месеци од преземањето на Џо Бајден на функцијата претседател на најмоќната држава во светот, испраќа силна симболика и убава порака за трансатлантските вредности во нашето општество.
Можноста да се биде дел од ова големо семејство и заокружувањето на долгиот пат на македонското членство во сојузот, особено после горливите прашања кои требаа да се решат, не може, а да не не радува. Еднодневниот самит кој се одржа во живо и со физичко присуство, беше прилика за земјите членки да ја дефинираат агендата за претстојниот период и да ги реафирмираат некои од ставовите во однос на колективната безбедност и новите хибридни закани по истата.
Македонската делегација која беше во состав од премиерот Заев, МНР Османи и МО Шеќеринска, заедно со македонскиот амбасадор во НАТО, Дане Талески, ја заокружија својата успешна посета и со куси средби и со други државници. А, исто така, премиерот спомена и дека до американскиот шеф на држава е упатена покана за негова посета на нашата земја и Балканскиот регион.
Иван Дургутов