– Кога станува збор за промоција на отворена и транспарентна комуникација на Владата со јавноста, наспроти справувањето со дезинформациите, позицијата на Владата се базираат на неколку постулати, истакна националниот координатор за стратегиски комуникации Марјан Забрчанец на настанот „Автопатот со факти, одговорност и решителност наспроти беспаќето на опасните дезинформации“, во организација на ЦИВИЛ.
„Работење на зголемување на довербата помеѓу институциите и граѓаните, преку демонстрација на одговорност, храброст, одлучност и на лидерство и во политичките дејствувања и во јавните комуникации.
Обезбедување на отвореност во комуникациите, интеракција и брзина во интеракцијата; комуницирање со медиумите во живо; брзо одговарање на оние што прашуваат и бараат информации; помагање на оние што се занимаваат со „факт-чекинг“ не преку партнерство или соработка со нив, туку преку брза комуникација и брзо одоговарање на нивните потреби и прашања; обезбедување на вклученост на сите заинтересирани граѓани, невладини организации и заедници во креирањето на политиките, односно постојана подготвеност на Владата да слуша, да прифаќа и да разбира што е тоа што граѓаните, заедниците и невладините и го кажуваат“, рече Забрчанец.
Тој вели дека точно е дека нема секогаш да се согласиме, но мора секогаш да се ислушаме за да можеме да процениме дали се согласуваме.
„Кревање на јавната свест, односно вложување на многу напори во заедничко спојување на сите чинители во општеството со цел влијание врз свеста на граѓаните заради потребата од заедничко разбирање за одговрна комуникација. Зборувам за медиумска писменост, за промоција на факти и точни вести, наспроти дезинформации, односно пренесување на оваа дискусија до што е можно повеќе граѓани.“, истакна Забрчанец
Забрчанец, нагласи дека Владата веќе ја зацрта својата стратегија, а тоа е пред две години усвоениот Драфт акциски план за справување со дезинформации, а сега, како што наведе, лично ќе се заложи сега да ја обезбедиме таа промена на наративот повеќе ЗА, помалу ПРОТИВ.
„Тоа е отворен документ во кој стои дека ќе се воведе медиумска писменост во образованието и тоа веќе се случува со реформите во образовниот систем. Во него стои дека ќе се креира Национална стратегија за активна транспарентност, која веќе е изработена и постои. Знаете дека од последно место во транспарентност, испливавме на прво место во транспарентност. Планираме да го задржиме тој тренд и одиме чекор понатаму – бараме да ја зголемиме итната транспарентност и на ниво на Општини, а се надевам и на поголема транспарентност и во правосудството. Кога зборуваме за активна политика за објавување на информации, или грубо кажано, истурање факти во јавноста, пред очите на граѓаните за да им биде потешко на оние коишто се бават со дезинформации да се справат со Автопатот од факти и од вистини.“, потенцира Забрчанец.
Забрчанец во таа насока упати повик до медиумските здруженија и рече е на мислење дека тие можат многу повеќе да придонесат во промоција на одговорна комуникација, а со тоа и во справување со дезинформациите, бидејќи таму има сериозни експерти и организации коишто вмрежуваат новинари и медиумски претставници.
Тој се осврна и на забелешките зошто Владата да се занимава со справување на дезинформации и рече дека Владата нема намера да отсапи пред обврската и одговорноста пред граѓаните и додаде дека ги мотивира и другите да преземат такви лидерства и истакна дека Владата е спремна да се приклучува и на други иницијативи без намера да монополизира.
Забрчанец подвлече дека ако другите не го направат, Владата тоа ќе го направи, Тој нагласи дека тоа не е преседан, туку има многу држави што се справуваат со дезинформациите, а ја спомна и Стартегијата од 2018 година на ЕУ за справување со дезинформации, којашто во 2020 година е именувана како Документ за промоција на демократски политики и вредности.
„Во вакво време на дигитално информирање, јавни кампањи коишто промовираат факти и точни информации мора да има, истите треба да бидат регулирани на јасен и транспарентен начин со заштитни механизми од злоупотреба на јавните средства, во спротивнио ако ги нема таквите кампањи ризикуваме да доминираат дезинформациите “, потенцира Марјан Забрчанец на денешниот настан „Автопатот со факти, одговорност и решителност наспроти беспаќето на опасните дезинформации“, во организација на ЦИВИЛ.
Ј. Ѓорѓиоски