Реката Црн Дрим од синоќа блесна во неколку бои. Речното корито се прелева во сина, црвена, зелена и виолетова боја. Светилки се поставени од двете страни на коритото во должина од 1800 метри. Подводното осветлување чини 110 илјади евра.
Еколошките здруженија веднаш излегоа со реакција во која обвинуваат дека осветлувањето на реката ќе има штетни последици врз животниот и растителниот свет во реката. Од Хидробиолошки институт во Охрид, кратко одговорија дека нив не им било побарано мислење. Како што изјавија од Институтот, тие немаат коментар, ниту став за ова прашање, затоа што не го виделе проектот за осветлувањето на Црн Дрим.
„Осветлувањето на речните води, го менува ритамот на живиот свет, се губи чувството на ден и ноќ, го менува циклусот на раст на водните алги. Светлината воедно го нарушува животот на рибите особено чувството за ориентација, комуникација и раст“, пишуваат активистите од Охрид ЅОЅ.
Градоначалникот на Струга, Рамис Мерко, смета дека со ова Струга добива нова нова туристичка атракција.
„Заслужува Дрим да биде осветлен ноќе бидејќи тука доаѓаат гости, а тука сме и ние стружани кои се гордееме со езерото, а посебно реката Црн Дрим која врви низ Струга. Ова ќе биде уште една туристичка атракција за градот“, изјави Мерко додавајќи дека еколозите нема што да критикуваат бидејќи осветлувањето не предизвикува уништување на флора и фауна.
„Напротив, уште подобро ќе изгледа, како аквариум и ќе биде добро за око за сите нас и гостите кои се во Струга“, додава Мерко.
Проектот предизвика реакции и во јавноста. Стружани се загрижени за безбедноста на капачите, велат вода и струја не може заедно. Градоначалникот уверува дека осветлувањето е потполно безбедно и станува збор за нисконапонска струја од 12 волти.
Соња Рилковска