Во сабота, 26 јуни ќе се одржи втората парада на гордоста во Скопје, во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.
„Скопје Прајд е настан од и за ЛГБТИ заедницата, но и за сите поддржувачи на борбата за еднаков третман на сите луѓе. Прајдот е протест, но и прослава, на која ги реафирмираме надежите за посолидарно, похумано и поправедно општество,“ велат организаторите на настанот.
Утре од 10 до 12 часот учесниците ќе се соберат во паркот „Жена-борец“ од каде што ќе се подигнат алки за влез на Прајдот на посебни пунктови.
Од 12 до 13 часот движење на парадата ќе биде по улицата Димитрие Чуповски преку Рекорд- улица Даме Груев и булеварот ВМРО до крстосницата пред мостот Гоце Делчев – булевар Илинденска покрај Владата- Лотус фонтаната на влезот во Градскиот парк- крајна дестинација Школка.
На настанот ќе се обратат претставнички на организацискиот одбор на Скопје Прајд и на Интерпартиската парламентарна група за унапредувања на правата на ЛГБТИ луѓето, како и родител на ЛГБТИ дете.
Во забавниот дел од програмата ќе учествуваат: Соња Исмаил, Вера Вендета, Васил Гарванлиев, Фифи Јаневска, Туна, Ивана Драгшиќ, Узун Баба и Зоки Бејбе. Водители на настанот ќе бидат Линда Социјалиста и Огнен Јанески.