– Неколку дена после успешното завршувањето на првиот „Преспа форум дијалог“, можеме да констатираме, дека Република Северна Македонија и Преспа Форумот се ставени на светската мапа на важни регионални и европски форуми, заедно со Блед Форум, Давос, Минхенската конференција, и други, изјави за Фронтлајн, Едмонд Адеми, советник за надворешни работи на премиерот Заев.
Адеми ја истакнува одличната организација и нагласува дека присуството на Претседатели, Премиери, Министри и други истакнати имиња од Европа и САД, потврдуваат дека првиот „Преспа форум дијалог“, создава репутација што ќе се негува.

„Присуството на Претседатели на држави, Премиери, Министри за надворешни работи, познати имиња од јавниот и општествениот и политичкиот живот од регионот, Европа и САД, ја потврдува репутацијата што ја создаде првиот Преспа Форум. Покрај одличната соддржина и теми кои беа дискутирани на форумот, морам да кажам исто така дека одличната организација од страна македонското МНР, и другите служби на Владата, потврдија дека нашите институции се спремени да се носат со големи организациски предизвици, како што беше „Преспа форум дијалог.“, вели Адеми.
– Преспа форумот за дијалог ќе биде традиционален форум, и ќе се оддржува секоја година, и како што реков, тоа ќе биде бренд на нашата држава – Република Северна Македонија, изјави за Фронтлајн, Едмонд Адеми.
На првиот „Преспа форум дијалог“ одржан во Охрид и Отешево, учествуваа околу 300 учесници, високи домашни претставници, но и високи претставници на Европа и САД, меѓу кои премиери, претседатели, министри, генерални секретари на меѓународни организации, европратеници, претставници на граѓанскиот сектор.

Помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот на САД, Филип Рикер и заменик помошник Секретар во Бирото за Европски и Евроазиски работи во Стејт департментот на САД, Метју Палмер, беа дел од Конференцијата, додека пак од ЕУ, присуствуваа комесарот Јоханес Хан, специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, Анџелина Ајнхорст од Службата за надворешна и безбедносна политика, како и неколку пратеници од Европскиот Парламент. Од Франција како гости и учесници беа специјалниот пратеник на министерот, Жан-Ив Ле Дриан, сенаторот Алан Ришар, како и пратеникот Жак Мер.
На Форумот говореше и поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас.
За настанот беа акредитирани над 100 домашни и странски новинари.
Јане Ѓорѓиоски







