Сметам дека во овој период особено во период после пандемијата со Ковид-19 и те како е важно да биде донесен законот за отпис на камати затоа што навистина ќе им помогне на повеќе од 150 илјади граѓани, изјави денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата на која беше презентирана бескаматната кредитна линија Ковид 4. Во овој момент опфатот од оваа мерка е над 150 илјади лица. Ова, потсетува Битиќи, не значи дека ќе има отпис на долговите или отпис на главниот долг.
Заев денеска одржа работна средба со претседателот на Сојузот на синдикати Дарко Димовски и претседателите на неколку грански синдикати од јавниот сектор. „Владата останува главен поддржувач на работниците и сметаме дека синдикалното организирање е здраво за државата, како сериозен коректив во функција на балансирање при уредувањето на работничките права, во јавните институции и приватниот сектор“, рече премиерот Заев, кој нагласи дека социјалниот дијалог продолжува.
Филипче денеска најави дека поради детектирањето на индиската – делта варијанта на коронавирусот кај пациенти во земјава, можно е воведување мерки на границите при влез во Северна Македонија, но не и реорганизација на она што сега функционира како што се отворени установи со протоколи. Евентуално барање на ПЦР тестови или потврди за вакцини или доказ за прележана болест, она што е стандард и во некои од другите земји, но мора да кажам дека ќе видиме каква ќе биде ситуацијата во регионот поради тоа што мерките мора да се усогласени, изјави Филипче. Додаде дека од понеделник почнува вакцинацијата на деца над 12 години.
Министерството за транспорт и врски остро реагира на информациите изнесени на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ во однос на изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Според Министерството, апсолутно не се точни тврдењата дека не се работи на изградбата на автопатот. Делницата Кичево – Охрид ќе биде изградена во најоптимален рок, но оваа Влада по секоја цена нема да прави штетни договори. ЈП за државни патишта во меѓувреме, активно работи на продолжување на договорот со иведувачот, но со договорот мора да бидат заштитени граѓаните, парите на граѓаните и државните интереси.
Во Врање досега со првата доза вакцинирани се 11.007 македонски граѓани, додека со втората доза вакцинирани се 6.362 наши државјани. Најголем број македонски граѓани во Врање се вакцинирале со кинеската вакцина „Синофарм“, додека помал број ја добиле вакцината на „Фајзер“, „Спутник В“ и „АстраЗенека“.
М. Миткоска







