„Создавањето на националната електронска база на податоци за имунизација, којашто е поврзана со националните е-здравствени досиеја и системот за известување овозможи целосен надзор над состојбата со вакцинацијата на целата територија на земјата, а со тоа и подобро да се координираат идните потреби за вакцинација од поголем размер за КОВИД-19“, пишува во Извештајот за резултатите на ОН за Северна Македонија за 2020 година, каде се вели дека здравствените политики имаат зголемен опфат на потребите на ранливите и социјално исклучените групи и здравствените услуги даваат подобар одговор на тие потреби.
-Со поддршка на ОН и други развојни партнери, Владата брзо ја прилагоди својата интервенција за справување со моменталниот одговор на КОВИД-19 на ниво на ПЗЗ, преку пилотирање на далечински консултации и низа од други прилагодувања, пишува во Извештајот.
Од ОН дополнуваат дека се подобрил пристапот на национално ниво за подобри здравствени резултати во бременоста и здравјето на бебињата, бил постигнат напредок во воведувањето на системот за надзор и одговор во акушерството насочен кон подобрување на здравјето на мајките, а заштитата од зрачење на пациентите и здравствените работници била обезбедена преку воспоставување на национален систем за следење на дозата за медицински слики со поврзување на системите за скенирање на над 20 болници и клиники.
– Опремата за дијагностицирање и заштита на пациентите од онколошки и не-онколошки заболувања што беше донирана на Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија (ПЕТ центар), Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, Институт за патофизиологија и нуклеарна медицина на Медицинскиот факултет при Универзитет Св. „Кирил и Методиј“ ќе го скрати времето за дијагностицирање на незаразни болести, особено рак и кардиоваскуларни болести и ќе помогне да се спасат повеќе животи, се вели во извештајот на ОН.
Д. Е.