Во последните неколку години питачите се неизбежен декор на најфреквентните улици во Кичево, ги има од сите градови, возрасти, машки и женски. Но најмногу ги има мајките со помали деца, кои секојдневно се присутни на некоја од клучните сообраќајници во градот. Глетката не е многу пријатна и, покрај напорите на надлежните, сепак состојбите никако да се подобрат.
Клучен фактор за зголемениот број на питачи е дарежливоста на печалбарите, кои се широкогради за децата и родителите од улица и, кои моментално се на годишен одмор во Кичево и Кичевско..
-Доаѓањето на печалбарите во Кичево е периодот кога питачите во овој град ја имаат најдобрата заработка, бидејќи гастарбајтерите се надалеку познати по дарежливоста и широкоградоста.Токму добриот глас за печалбарите ги собра летово питачите од републикава во градот под Илиница-вели Влатко Јованоски граѓанин.
Континуираните акции на вработените од Центарот за социјална работа не даваат соодветни резултати, бидејќи бројката на питачите на улица не се менува.
-Свесни сме за проблемот со уличните питачи во нашиот град и затоа секоја недела во соработка со полицијата превземаме акции на отстранување, пред се на децата од улица.Но по нашата акција овие деца повторно се враќаат на старите навики, велат од Центарот за социјална работа и додаваат дека и на возрасните им се укажува дека ќе им биде укината и социјалната помош, но и ова предупредување како да не допира до нивните уши.
-Во повеќе наврати се обидовме да дознаеме од кои градови во Кичево се присутни улични питачи и дознавме дека ги има од Прилеп,од Штип,од Кочани и речиси да нема град од земјава од каде нема уличен питач на кичевските улици. Никој не сака да ја пропушти шансата за краток период и со малку труд добро да заработи, додаваат оттаму.
извор: МИА