26 јули за Скопјани е ден кога се сеќаваат на земјотресот и жртвите кои ги предизвикал, но и ден кога се навраќаме на тоа каков бил градот, каков е сега и каков го замислуваме во иднина. Секој од своја перспектива, секој според своите искуства и емоции кои ги има кон Скопје. Како што се вели во една песна за Скопје: нашето единство е конструктивно незадоволство.
За да избегнам долго писание, кое ретко кој ќе го прочита до крај, а и за да бидам што појасен и поконцизен моите мисли ќе ги стуткам во десет точки за кои сметам дека покриваат голем и битен дел од она што е според мене битно. Сите овие размисли се само мои и не треба да бидат поврзани со никој друг освен со мене.
Значи:
- Скопје не е од Мал Ринг до Тафталиџе. Тука се и Ѓорче, Бутел, Радишани, Чаир, Гази Баба, Сингелиќ, Лисиче, Драчево… Секое обмислување на градот мора да почне со оваа премиса.
- На Скопје му требаат нови улици и булевари, особено во северниот дел (лево од Вардар). Изградени се само половина од планираните улици и има големи делови кои се ужасно поврзани со остатокот од градот. Развојот на Градот единствено е можен со развој на северниот дел. Сега имаме асиметрично урбанизиран град кој се гуши сам себе.
- Скопје мора непрекинато и бескомпромиснода се бори против гетоизацијата и поделеноста на етничка и верска основа.
- На Скопје му требаат уште многу паркови, дрвореди и зеленило.
- Нужно потребна е реформата на јавниот превоз, за да се намали употребата на возила низ градот, мора да постои функционален, удобен, брз и еколошки прифатлив јавен превоз. Досега ЈСП возеше по студија на потребите напправен во раните осумдесетти години. Исто така, потребни се уште 100 километри велосипедски патеки. А, најмногу е потребна сообраќајна култура и на пешаците и велосипедистите и возачите / моторџиите. Целата загадувачка индустрија треба да го напушти подрачјето на Град Скопје. Градот е за луѓе, индустриски зони се за фабрики.
- Колекторот на отпадни води е врвен приоритет и добро е што почнува да се гради.
- Некои скопски општини за кратко нема да можат да се одржат себеси, затоа што ќе бидат целосно изградени. На Скопје му треба преобмислување на територијалната и административна поделба. Градот е еден систем, организам кој не може да се дели, управува и планира како низа од автономни единки – општини.
- Време е Скопје да престане да биде отворен град. Не е возможно, а и самоуништувачки е цела држава да се пресели во Скопје.
- Страшно е што пола од домаќинствата во градот се греат на дрва (уште пострашно е што има такви што горат и пластики, гуми, стари чевли, паркети…)
- Скопје е прилично носталгичен град. Редно е повеќе да се сврти кон утре, а помалку да размислува за некни. Времето ниту стои , ниту се враќа.
Фејсбук објава од Васко Лазаревски