fbpx
Thursday, 23 September 2021

Раст на новозаболени од ковид-19, притисок во болниците засега нема

Повторно висок број на новодијагностицирани лица со Ковид-19 е регистриран во текот на вчерашниот ден. Најголем дел од новите 72 случаи се бележат во Скопје – 20, во Куманово -14 и во Тетово – 10. Притисок во болниците и амбулантите засега нема.

И покрај тоа што е сега прилично мирно, министерот за здравство Венко Филипче завчера оцени оти е можно овој тренд на пораст да продолжи и понатаму, но вели дека будно ја пратат состојбата.

Во зависност од моменталната состојба, здравствените власти ќе разговараат и за евентуални рестриктивни мерки, прво насочени кон оние кои не се вакцинирани. Постои можност да се оди по примерот на некои други земји во делот на ограничување на влезот во затворени простории, поточно, да се бара задолжителна потврда за вакцинација.

Вкупно во земјава од почетокот на епидемијата се регистрирани 156.452 ковид-дијагностицирани лица, бројката на оздравени пациенти е 150.371, на починати е 5.493, а бројот на активни случаи изнесува 588.

Здравствените власти интензивно ги пратат и анализираат препораките во однос на вакцинацијата. Можните сценарија според Филипче се да има препорака за трета доза на вакцини или вакцината да стане сезонска. Но, повеќе сознанија за тоа дали вакцината ќе стане сезонска или не, се очекуваат во септември или октомври.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, вчера од Берово информира дека досега се вакцинирани 59 проценти од вработените во градинките во државата, а тенденцијата е таа бројка да биде уште поголема.

– Работата на градинката не престанала иако се наоѓаме на средина на годишните одмори. Во изминатиот период сериозно се пристапи кон процесот на вакцинирање за што говори и самата бројка на вакцинирани од 59 процентен одзив. Ги повикувам и останатите 41 проценти од вработените да се довакцинираат за да може да биде обезбеден престојот на децата во градинките, рече Шахпаска.

Во моментот како што додаде побарано е од Комисијата за заразни болести да се зголеми бројот на групите на деца кои посетуваат градинка. Министерката посочи дека доколку дозволи епидемиолошката состојба може да се очекува во најскоро време градинките да работат со полн капацитет./МИА/.

Next Post