Нашиот борач Магомедгаџи Нуров отпатува во Токио, не само за да учествува (олимпиското мото на баронот Пјер Кубертен), туку и да освои медал. Објективно, освен Дејан Георгиевски, само уште Нуров има капацитет за такво нешто.
Утре, околу 5 часот наутро по МК време, во натпреварите во Борење, слободен стил до 97 кг. Магомедгаџи Нуров ќе се бори против Мохамед Садуи од Тунис. Доколку победи, што е и за очекување, следен противник на 28-годишниот Нуров ќе биде или Кубанецот Раинерис Перез Салас којшто има две сребра од светските првенства, или Александар Хуштин од Белорусија којшто во својата кариера три пати има освоено сребро на европските првенства. Иако двајцата противници се силни, искусни и со многу освоени трофеи, Нуров не би бил без шанси. Предизвикот е голем. Победата би значела пласман во полуфиналето, а таму, доколку нема изненадувања, противник на нашиот Нуров би бил најголемиот фаворит за олимписко злато, Русинот Абдулрашид Садулаев.
Да му посакаме многу среќа на нашиот последен олимпиец што ќе настапи на Олимпијадата во Токио. Уште еден медал за Северна Македонија би бил од големо значење.
A. Лукароски